„Омикрон“ полесно го пробива имунитетот стекнат со вакцинација, покажа студија од Данска, чии резултати денеска ги објави агенцијата Ројтерс.
Авторите на оваа студија се обидоа да откријат зошто видот „омикрон“ е позаразен во споредба со варијантата „делта“.
Анализирајќи го преносот на вирусот во скоро 12.000 домаќинства, тие заклучија дека поголемата заразност на варијантата „омикрон“ произлегува од неговата способност да го заобиколи постоечкиот имунитет и на тој начин полесно да се шири меѓу вакцинираните.
Како што наведоа, „омикрон“ е 2,7 до 3,7 пати позаразен во споредба со „делта“ видот кај вакцинираните лица. Сепак, како што истакнаа, кај овој вид вакцинираните лица имаат помала веројатност да се заразат или да го пренесат вирусот во споредба со невакцинираните.
Со оглед на способноста на „омикрон“ да го заобиколи постоечкиот имунитет и да се шири меѓу вакцинираните, вклучително и оние кои примиле три дози од вакцината, авторите велат дека е помала веројатноста дека вакцинацијата ќе може да ја израмни кривата или да го намали преносот на вирусот во заедницата.
– Се чини малку веројатно дека постоечките вакцини ќе можат да го ублажат ширењето на „омикрон“ до степен до кој успеаја со претходните варијанти на долг рок. Затоа, веруваме дека може да бидат потребни вакцини прилагодени на сојот „омикрон“ за да се олесни ширењето на варијантата. Сепак, примарните и „бустер“ дозите веројатно ќе играат значајна улога во намалувањето на преносот на вирусот на краток рок и во намалувањето на тежината на болеста – велат авторите.
Во Данска 78 отсто од населението било вакцинирано, додека 48 отсто ја примиле и третата доза од вакцината.