Две камери на вториот кат, три на првиот кат каде што се наоѓа и неговата канцеларија и три на приземје. Сериозни сомнежи за злоупотреба на видео надзор и нарушување на приватноста се отвораат во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), каде вработени протестираат дека директорот Оливер Миланов воспоставил систем за постојано следење на нивното движење – во живо, од својата канцеларија, пренесува А1on.
Според сведоштвата, во институцијата е поставена мрежа од најмалку осум камери – распоредени на повеќе катови, кои ги покриваат ходниците, влезовите и пристапите до канцелариите. Но, она што ја прави ситуацијата алармантна, велат вработените, не е самото постоење на камерите – туку начинот на нивна употреба.
Во канцеларијата на директорот е поставен монитор поврзан со сите камери. Според вработените, уредот е постојано вклучен и се користи за директно следење на нивното движење.
„Се гледа кој каде оди, кој влегува во која канцеларија, па дури и кога некој оди во тоалет“, велат извори од институцијата.
Ова, според нив, создава атмосфера на постојан притисок и страв, каде секое движење е потенцијално предмет на контрола. Дополнителна загриженост, според нив, претставува тоа што не е јасно кој има пристап до снимениот материјал, ниту каде и како истиот се чува и архивира.
Извор: А1on
