Германскиот производител на спортска опрема „Адидас“ истражува огромен скандал со наводна корупција во Кина проценет на неколку стотици милиони евра, а осомничени се локални вработени во компанијата, објави денеска британскиот весник „Фајненшл тајмс“ (ФТ).

Во писмото, наводно напишано од „вработени во Адидас во Кина“, се именуваат неколкумина вработени, вклучително и извршниот директор во одделот за маркетинг буџет на компанијата.

Во документот, кој кружеше на кинеската социјална мрежа во текот на јуни, се вели дека проневерени се 250 милиони евра поради корупција.

Британскиот весник наведува дека документот го обвинува персоналот на Адидас за примање мито од даватели на услуги овластени од германската групација.

Менаџер на „Адидас“ во Кина е обвинет дека примил „милиони готовина од добавувачите, како и имот, вклучително и недвижен имот“.

Адидас, кој дебитираше во Кина во 1997 година, според локалните медиуми, некогаш имаше повеќе од 10.000 продавници.

Сепак, Адидас се соочи со порастот на влијанието од локалните брендови во последниве години, вклучувајќи ги Анта и Ли Нинг.