Меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад ќе остане затворен најмалку до четврток, по новите напади за кои одговорност презедоа јеменските бунтовници Хути. Генералната управа за цивилно воздухопловство на Саудиска Арабија соопшти дека се вршат безбедносни проверки на објектите, додека властите ја проценуваат штетата и од најновиот напад врз аеродромот во Дамам.
„Генералната управа за цивилно воздухопловство на Саудиска Арабија објави продолжување на прекинот на работата на меѓународниот аеродром ‘Крал Калид’ во Ријад, со цел да се завршат неопходните безбедносни проверки на објектите и да се утврди нивната оперативна подготвеност“, се наведува во соопштението. Не е наведен точен датум за повторното отворање.
Висок претставник на авиокомпанија задолжен за летовите во регионот на Персискиот Залив изјавил дека биле известени оти прекинот ќе трае најмалку до четврток. Според него, летови нема да се планираат до крајот на работната седмица во Саудиска Арабија.
Хутите вчера презедоа одговорност за, како што наведоа, „обемни операции“ против саудиските аеродроми и енергетската инфраструктура. Во еден од нападите во саботата загинале 13 лица, што го направило инцидентот најсмртоносен од ваков вид во кралството во последната деценија. Претходната недела во нападите врз аеродромот во Ријад загинале шест лица, а и за нив одговорност презедоа Хутите.
Во вчерашниот напад врз аеродромот во Ријад загинал еден пакистански државјанин, а 11 лица биле повредени, соопшти саудиската управа за цивилно воздухопловство. Подоцна синоќа, институцијата извести и за нов напад врз аеродромот во Дамам.
Истиот ден, Хутите повторно ги предупредија патниците, вработените и авиокомпаниите дека саудиските аеродроми се „небезбедни, со исклучок“ на оние што ги опслужуваат светите градови Мека и Медина.
