На Меѓународниот аеродром во Тирана пратката ја пречекаа министерката за здравство, Огерта Манастирлиу и министерот за обнова Арбен Ахметај, кои се заблагодарија на помошта на ОАР и најавија дека се очекуваат повеќе дози на вакцини од преговори, кои се во тек.

-10.000 дози од вакцината Спутник, донација од Обединетите Арапски Емирати, веќе пристигнаа и ние ќе ја продолжиме вакцинацијата со зголемена динамика. Ова е чекор напред во последниот километар кон победата. Ќе продолжиме да обезбедуваме уште повеќе вакцини, со цел што побрзо да започнеме масовно вакцинирање на населението, за да ја олесниме туристичката сезона, изјави Манастирлиу.

Манастирлиу подвлече дека Комитетот за имунизација дал гаранција за употреба на вакцините.

-Комитетот за имунизација и сите структури кои се занимаваат со сертификација, безбедност и ефикасност на вакцините веќе дадоа пред неколку недели гаранција за вакцините, кои нудат безбедност и ефикасност, додаде таа.

Од име на Владата голема благодарност искажа министерот за обнова Ахметај.

-Во име на албанската влада се заблагодаруваме на владата и на престолонаследникот на ОАР, Мухамед Бин Зајед. До нас беа и по катастрофалниот земјотрес, од ноември 2019 година а со нас се и сега во справувањето со пандемијата, рече Ахметај.

По предлог на Владата, Парламентот во Тирана пред неколку дена даде зелено светло за употреба на руските и кинеските вакцини во земјата.

Со денес пристигнатите, Албанија до сега има обезбедено над 90 илјади вакцини, од нив над 38 илјади од Астра Зенека, додека останите од Фајзер. Со вакцинацијата до сега се опфатени околу 47 илјади лица, здравствен работници, постар лица од 80 години и просветни работници.