Иранската противвоздушна одбрана соборила американски дрон од типот „MQ-1“ над Ормуската Теснина, објави денеска полуофицијалната иранска новинска агенција „Фарс“. Соединетите Американски Држави засега не го коментирале извештајот.

Според информациите на „Фарс“, леталото било забележано и гаѓано од единица за противвоздушна одбрана на иранската армија, стационирана во југоисточниот дел на земјата, додека се движело над стратешкиот воден пат.

Дронот бил следен од системите што функционираат во рамките на интегрираната мрежа за противвоздушна одбрана на Иран, по што бил погоден и уништен, наведува агенцијата.

„Фарс“ објави дека американското летало било соборено со системи за противвоздушна одбрана развиени во Иран. Дополнителни детали за инцидентот, според најавите, ќе бидат соопштени подоцна.

Пријавениот инцидент се случува во период на зголемени тензии меѓу Иран и САД околу Ормуската Теснина. Техеран и Вашингтон и натаму се во спор во врска со пловидбата низ овој стратешки воден пат.

Иран и Оман водат разговори за воспоставување привремена безбедна рута за транзит низ теснината. Истовремено, Техеран го обвинува Вашингтон дека не ги исполнува обврските преземени со меморандумот за разбирање од Исламабад.

Најновиот инцидент доаѓа и во услови на континуирана размена на оган меѓу Иран и САД, која продолжила во јули по краткотрајниот прекин на непријателствата.