Американскиот Сенат вчера го одобри влезот на Финска и Шведска во НАТО, што претставува најзначајното проширување на 30-члената Алијанса од 1990-тите, а кое доаѓа по руската инвазија врз Украина.

Сенатот со 95 гласови „за“ и еден „против“ гласаше за поддршката на ратификацијата на пристапните документи на двете скандинавски земји, значително надминувајќи го двотретинското мнозинство од 67 гласови потребни за ратификација.

Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина, која постојано ги предупреди двете земји да не се приклучат кон Алијансата.

Сите 30 членки на НАТО во јули го потпишаа пристапниот протокол за Шведска и Финска, дозволувајќи им да се приклучат кон нуклеарниот сојуз, предводен од САД, откако сите земји членки ќе ја ратификуваат одлуката.

Ратификацијата на договорите може да потрае и до една година, иако неколку земји веќе ја одобрија, вклучувајќи ги Канада, Германија и Италија.

Сенаторите од двете партии дадоа јасна и силна поддршка за членството на двете земји, опишувајќи ги како важни сојузници чии модерни војски веќе тесно соработуваа со НАТО.

-Квалификациите на овие две просперитетни, демократски нации се извонредни и ќе служат за зајакнување на НАТО алијансата, рече демократскиот сенатор Боб Менендез, претседател на Комитетот за надворешни односи, барајќи ја поддршката од сенаторите пред гласањето.