Министерството за правда на САД поднесе тужба против пребарувачот Гугл поради монопол на пазарот за онлајн рекламирање.
– Гугл користеше антиконкурентни и незаконски методи за да ја елиминира или драстично да ја намали секоја закана за неговата доминација над технологиите што се користат за дигитално рекламирање, се наведува во документот во кој имале увид некои светски агенции.
Министерството и осум американски сојузни држави, вклучувајќи ги Калифорнија и Њујорк, бараат од судот да ја осуди калифорниската група поради кршење на законите за конкуренција, да и наложи да плати отштета и да ги запре активностите на монополското рекламирање преку Интернет.
Гугл веќе е казнет поради кршење на законите за конкуренција во Европската унија.
Компанијата во САД веќе се соочува со тужби кои ги покренаа група земји кон крајот на 2020 година. Тужбите се однесуваат и на монополот за рекламирање.