Во куќата на поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс се пронајдени доверливи документи, јавува Би-би-си.

Медиумите посочуваат дека документите, кои адвокатот на Пенс ги открил минатата недела во неговиот дом во Индијана, биле предадени на ФБИ.

Специјалните агенти веќе почнаа да ги разгледуваат доверливите документи пронајдени кај претседателот Џо Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп.

Трамп се соочува со кривична истрага поради наводно неправилно ракување со досиејата.

Претставниците на Пенс испратија писмо до Националниот архив во кое ги алармираа за документите. ФБИ дојде во домот на поранешниот потпретседател за да ги преземе, додаваат тие во посебно писмо.

„Мал број доверливи документи“ беа „ненамерно спакувани и транспортирани“ во домот на Пенс на крајот на претседателскиот мандат на Доналд Трамп, напиша неговиот адвокат во писмото што го сподели со американските медиуми.

Пенс побара од адвокат кој е специјализиран за ракување со доверливи документи да ги прегледа документите во неговиот дом „откако стана јавно дека доверливи документи се пронајдени во резиденцијата на претседателот Џо Бајден во Вилмингтон“, се вели во писмото.

Уште шест доверливи документи беа пронајдени во петокот за време на 13-часовниот претрес на домот на претседателот Бајден во Делавер. – Претседателот понуди пристап „до својот дом за да му дозволи на Министерството за правда да ја пребара просторијата за потенцијални потпретседателски досиеја и потенцијален доверлив материјал“, рече Бауер во изјавата од саботата.

Претходно овој месец, адвокатите на Бајден изјавија дека првата група доверливи документи била пронајдена на 2 ноември во Центарот Пен Бајден, истражувачки центар што претседателот го основал во Вашингтон.

Друг сет на записи беше пронајден на 20 декември во гаражата во неговиот дом во Вилмингтон, додека друг документ беше пронајден во складиште во домот на 12 јануари, изјавија неговите адвокати.

Откритијата во домовите на Мајк Пенс и Џо Бајден доаѓаат во време кога поранешниот претседател Доналд Трамп, исто така, се соочува со истрага за неговото наводно неправилно постапување со доверливите документи.

Стотици доверливи записи беа пронајдени во резиденцијата на Трамп Мар-а-Лаго во Флорида. Трамп и неговите адвокати се спротивставуваа да ги предадат документите сè додека ФБИ не изврши рација во викендицата на Флорида минатиот август.