Она што е јасно по француските избори е дека без разлика на изходот можни се многу калкулации за правење влада. Засега ниту една партија нема апсолутно мнозинство, а аналитичарите велат дека допрва започнува неизвесноста.
Како левицата направи пресврт?
Високиот одзив од 67 отсто од излегување на гласачите кој се должи на апелите од инфлуенсерите, фудбалерите, активистите направи крајната десница да го намали својот раст и да се случи пресврт во полза на левичарите. Аналитичарите сметаат дека „пресвртот“ настанал по повикот на јавните личности да се даде гласот против крајната десница. Особено се зема предвид објавата на Килијан Мбапе и апелот да се гласа за сите освен за крајните десничари предводени од Ле Пен и Бардела.
Левицата победник на изборите во Франција
Новоформираниот и брзо консолидираниот левичарски Новиот народен фронт, кој е коалиција на пет левичарски партии е победник по вчерашните избори во Франција. Нивната коалиција создадена специјално за предвремените избори што ги распиша претседателот Емануел Макрон по поразот на неговата партија на европските избори ќе освои околу 180-190 пратеници.
„Заедно“ на Емануел Макрон на второ место
Претседателската коалиција „Заедно“ настапи подобро од очекуваното и го зазеде второто место со проектирани 150-175 места.
Трето место за Марин Ле Пен и партијата „Национален собир“
Искусната Марин Ле Пен и нејзиното политичко протеже Џордан Бардела го заземаа третото место на изборите во Франција. Партијата која направи изненадување во првиот круг и го зазема првото место, сега се вратија на третата позиција, а според последници анкети ќе имаат над 140 седишта во парламентот. Ова е значаен раст за крајната десница бидејќи досега имаа само 89 места.
Традиционална десница на четврто место
Четврто е традиционалната десница со 60-70 седишта. Таа ги претрпе последиците од нејзиното двоумење да ја поддржи крајната десница.
Иако коалицијата на левичарски стилови соработуваше пред вториот круг со претседателската коалиција за да го нападне Ле Пен, лидерот на „Пркосот на Франција“, Жан-Лук Меланшон, кој има амбиции да стане премиер, имаше остри зборови за актуелната влада на Габриел Атал и бараше негова итна оставка. Тој одржа триумфален говор на плоштадот Сталинград во Париз пред ентузијастичките поддржувачи на левицата.
Атал ќе поднесе оставка
Малку подоцна Габриел Атал од својата резиденција Матињон даде изјава дека утре наутро ќе поднесе оставка на претседателот Макрон.
„Иако добивме три пати повеќе места од предвиденото, републичката традиција бара да се повлечам“, рече тој.
Највисока излезност во последниве 50 години
Одѕивот на гласачите достигна 67,1 отсто до 20 часот, што е повеќе од 20 отсто повеќе во однос на вториот круг гласање во 2022 година, соопшти Министерството за внатрешни работи. Ова е највисокото ниво на излезност на гласачите од парламентарните избори во 1981 година, кои следеа по изборот на Франсоа Митеран за претседател на Франција.
Тешко ќе се состави нова влада, што сега?
Засега јасно е дека уште се прават комбинаторики за идна влада, а составувањето на истата ќе биде многу тешко. Остануваат повеќе опции во игра, но не и распишување на нови избори. Според францускиот законик во рок од една година не може да се одржат нови избори и Французите не може да одат на гласање.