Финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани

Од денеска започнува исплатата на финансиската поддршка од собраните донации за семејствата на загинатите и повредените во трагичниот пожар во Кочани. Средствата, во износ од 150.000 денари по семејство, ќе се исплаќаат преку Црвениот крст. Заклучно со 22 март, преку оваа хуманитарна организација беа собрани 51.822.579 денари. Денеска од Црвениот крст ќе ги соопштат деталите за процесот на исплата и понатамошните активности.

Инспекциски контроли и санкции за прекршувања

Во тек се засилени контроли во јавните објекти низ целата држава. Општините, координирани преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), спроведуваат инспекции во училиштата, градинките, спортските сали, културните домови и угостителските објекти.

– Особен акцент е ставен на објектите каде престојуваат деца и млади. Контролите ќе продолжат систематски и во наредните месеци – истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

Од 138 контроли за превоз на патници и стоки, извршени од Државниот инспекторат за транспорт, неправилности се откриени кај 21 правно и физичко лице, на кои им се изречени соодветни казни.

Министерот за транспорт Александар Николоски соопшти дека се одземени 427 лиценци од 2810 прегледани, а конечните податоци ќе бидат јавно објавени.

Преземени се активности со кои би се спречиле идни непогоди.

Тие одземаат лиценци во повеќе сектори како издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на детални урбанистички планови.

Николоски: Преку сериозна акција одземавме 427 лиценци, најголем дел се од Б категорија

„Вкупниот број на издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на детални урбанистички планови е некаде над 3000 лиценци. Скоро сите се прегледани. До денес прегледавме 2810 лиценци, а бројката на одземени лиценци е 427. Тие се однесуваат во делот на градба, надзор, проектирање, изработка на детални урбанистички планови. Најголемата е бројката на изведувачи на градба во Б категорија, тоа е практично се што не е врвен државен објект, меѓу што и станбени згради. Таму ќе се одземат 198 лиценци. Во понеделник таа работа ќе биде завршена, а во вторник ќе имаме конкретни бројки и со име ќе ги извадиме сите носители на лиценци на сите носители на кои ќе им бидат одземени лиценците. За истото ќе го известиме надлежното обвинителство и МВР“, рече вицепремиерот Александар Николоски во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Истражни постапки и одговорност за трагедијата

Во истрагата за пожарот засега се опфатени 27 физички и три правни лица. Поднесени се кривични пријави против 34 лица за „тешки дела против општата сигурност“ и „предизвикување општа опасност“. Покренати се истраги и против седум полициски службеници.

Основниот суд Кочани одреди 30-дневен притвор за сите 24 лица за кои имаше барање од Обвинителството, меѓу кои и тројцата поранешни и сегашен градоначалник на Кочани, како и поранешниот министер за економија.

Истражните органи продолжуваат со испитување на сите аспекти на трагедијата, додека јавноста бара одговорност и преземање мерки за спречување на слични несреќи во иднина.

Состојбата на повредените – петмина во критична фаза

Според Министерството за здравство, од околу 200 повредени во трагедијата во Кочани, пет лица кои се лекуваат во странство се во критична состојба. Во македонските болници се згрижени 55 пациенти, сите во стабилна состојба, а деветмина ќе бидат испишани во текот на неделава по завршувањето на токсиколошките и психолошките испитувања.

Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека првите пет пациенти кои се лекуваат во странство ќе бидат пречекани во среда или четврток. За нив е подготвен посебен медицински протокол, кој ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството и споделен со релевантните институции.

– Ќе има специјални медицински тимови и возила за транспорт, а пациентите ќе бидат примени во соодветни болници. Ќе се преземат сите мерки за спречување на инфекции, вклучувајќи стерилизација на возилата и собите за третман – изјави Таравари.

Во Белград, во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија, од 17 повредени пациенти, две лица се на механичка вентилација, а двајца се оперирани. Според директорот на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија Милан Стојичиќ, пациентите се во стабилна состојба.

Во Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, на шест од десет пациенти им е извршена трансплантација на кожа поради сериозноста на изгорениците.

Маршеви со молк во чест на жртвите

Во Кочани, Охрид и Скопје се одржаа мирни собири и маршеви со молк во чест на 60-те жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“. Под мотото „Молкот зборува најгласно“, граѓаните изразија почит и барање за одговорност.