Во продолжение ви го пренесуваме целиот говор на Марија Андоновска од денешниот протест:

Денеска стојам на ова место пред министерството за здравство за јавно да го прашам министерот за здравство “спиеш ли мирно, Венко Филипче?”. Спиеш ли мирно Венко Филипче кога знаеш дека народот се бори за опстанок?

Спиеш ли мирно Венко Филипче кога знаеш дека луѓе умреа чекајќи брза помош? Спиеш ли мирно Венко Филипче кога знаеш дека стотици илјади граѓани молат за сопственото здравје пред болниците или во болничките ходници? Спиеш ли мирно Венко Филипче кога знаеш дека граѓаните со години имаат плаќано здравствено осигурување, а сега не можат да си добијат здравствена услуга?

Спиеш ли мирно кога знаеш дека граѓаните, оние кои цел живот плаќаат здравствено осигурување, сега се принудени да собираат донации по социјалните мрежи и да можат да се спасат? Луѓето се принудени да земаат кредити за да можат да си го платат своето болничко лекување во приватните болници, да можат да си платат за тестови, да можат да си платат за рентген и крвни анализи, за сето она што им е потребно да се спасат.

Имаш ли малку чувство Венко Филипче за сите оние хронично болни што ги остави на милост и немилост? Ги врати на работа, а не им овозможи никакви услови во институциите. Воедно на истите тие, не им се достапни здравствените услуги од специјалист, не можат да дојдат до хронична терапија. Имаш ли малку чувство Венко Филипче и за твоите колеги, од примарното, секундарното, терцијалното здравство, оние кои што се вистинските херои и кои секој ден се борат и спасуваат животи? И нив ги остави сами на себе.

Не им даде од самиот почеток заштитна опрема, самите беа принудени да си ја купуваат. Истите тие деноноќно работат без помош и без поддршка, а можеше да ангажираш дополнителен персонал, бидејќи според статистиката во Агенцијата за вработување има над 3000 здравствени работници кои што не се вработени.

Зошто не ги ангажираше овие луѓе да им помогнат на своите колеги? Зошто не ги ангажираше овие луѓе да спасат животи? Зошто мора да се ангажираат попишувачи, а да не се ангажираат здравствени работници? Спиеш ли мирно Венко Филипче, а знаеш дека не си обезбедил ниту една вакцина? Нула вакцини за оние кои што сакаат да се вакцинираат.

Земји како Гана и Уганда, веќе се вакцинираат, а нашите граѓани се уште чекаат вакцини. Дали имаш чувство Венко Филипче или одговорност, кога знаеш дека повеќе од 3000 граѓани го загубија својот живот? Тоа не е само бројка, тоа не е само статистика, тоа се нечии мајка, брат, жена, сопруга, сестра.

Овие луѓе можеа барем половина да бидат спасени, доколку ти Венко превземеше вистински мерки и во вистинско време, наместо да го губиш времето по прес конференции. Имаш ли малку совест Венко, што не исполни ниту едно барање, што не го слушна гласот на народот, гласот на опозицијата, барањата на ВМРО-ДПМНЕ?

Од самиот почеток на пандемијата, баравме многу работи, баравме да се регулираат граничните премини и аеродромите, баравме бесплатни тестови за сите граѓани, баравме повеќе пунктови за тестирање во секоја општина. Замислете, тестовите во другите земји можете да ги набавите во аптека за симболична цена, а кај нас тестовите се уште граѓаните мораат да ги плаќаат по 2-3 илјади денари. Баравме да ги обновиш болниците, да направиш тријажни центри и дневни болници, да ги одвоиш чисти и нечисти болници, баравме бел план, баравме да се ангажира здравствен персонал, баравме бесплатно да им се овозможи на граѓаните да можат да ги прават крвните анализи, ЦРП, дд-мери и така натаму, на товар на фондот во сите лаборатории кои што имаат склучено договор со фондот.

Баравме многу работи, но ти и твоите немавте слух. Единствено што знаевте да направите е да излезете, да не гледате во очи и да не лажете. Бесрамно го лажевте и го лажете овој народ, кој што ќе ви пресуди и затоа денеска сме тука, не бараме повеќе ништо.

Бараме да си заминете, бараме оставка! Нека не слушнат не само во министерството, нека не слушнат во Влада, нека не слушнат во Бихаќка дека на овој народ му е доста и бара оставка! Вие мора да си заминете!

Сакам да упатам и една порака до сите оние здравствени работници и една голема благодарност до нив што деноноќно работат, оставени сами на себе и спасуваат животи. Сакам да изразам и сочувство до семејствата, за оние што ги изгубија своите најблиски. И сакам да упатам една порака до вас, до граѓаните, да не очајувате, да бидете трпеливи, сонцето повторно силно ќе изгрее во Македонија. Ова зло ќе си замине, ви ветувам дека ќе си замине многу брзо и ќе дојдат поубави денови за сите нас. Сме издржале многу, ќе ги издржиме и нив, но тие ќе си заминат. Оставка!