Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер истакна дека Националниот податочен центар се очекува да почне да се гради во 2027 или на почетокот на 2028 година, а неговото целосно ставање во функција се планира за периодот од 2030 до 2031 година.

Тој информираше дека Министерството веќе работи на обезбедување финансирање за проектот, при што 30 проценти од средствата треба да бидат грант од Европската Унија, додека останатите 70 проценти ќе се обезбедат преку поволни кредити.

Андоновски посочи дека минатата недела престојувал во Јужна Кореја, каде што разговарал со претставници на Светската банка, а во тек се и контакти со други потенцијални партнери за финансирање на проектот.

„Подготвена е физибилити-студијата за аплицирање на овој проект. Чекаме информации од партнерите. Очекувам во 2027, односно на почетокот на 2028 година, да почне да се гради. Рокот за изведба е околу две и пол години, што значи дека некаде во 2030 или 2031 година ќе го имаме оперативен националниот податочен центар“, изјави Андоновски.

Центарот е планиран да се гради модуларно, а во првата фаза ќе располага со околу 5.000 квадратни метри искористена површина. Во втората фаза е предвидена и изградба на фотонапонска централа во негова близина, која би обезбедувала до 40 проценти од потребната електрична енергија во периодите кога има производство на струја од сонце.

Според Андоновски, проектот ќе биде замислен така што неговите капацитети ќе можат дополнително да се прошируваат во зависност од идните потреби. Особено се остава можност за зголемување на капацитетите доколку во иднина се планираат инфраструктура и опрема за употреба на вештачка интелигенција и големи пресметковни машини.

„Планираме можност потенцијалот или градбата да се зголемува доколку понатаму се планираат капацитети за употреба на вештачка интелигенција на големи пресметковни машини. Во зависност од потребите ќе го инсталираме на начин што ќе овозможи проширување, но стартно зборуваме за околу 5.000 квадратни метри искористена површина“, рече министерот.

Националниот податочен центар ќе бара и значителен број специјализирани кадри кои ќе се грижат за неговото секојдневно функционирање. Станува збор за стручни лица од областа на електроенергетиката, машинството, инсталациите, како и за техничка и логистичка поддршка.

Андоновски посочи дека размислуваат и за начинот на кој ќе биде организирано управувањето со центарот, односно дали специјализирана агенција ќе ги преземе и услугите што државата им ги нуди на граѓаните и компаниите.

Во почетната фаза, како што објасни, Министерството за дигитална трансформација ќе го гради и ќе управува со центарот со постојните вработени. Со текот на времето, сепак, се разгледува можноста да се формира посебна специјализирана институција која ќе биде задолжена за неговото работење, но и за обезбедување услуги за граѓаните и компаниите.

Тој посочи дека сличен пристап примениле и Грција и Италија.

Во однос на потребниот кадар, Андоновски смета дека Македонија има потенцијал да обезбеди стручни лица и од домашната индустрија. Како можен извор ги посочи вработените во автомобилската индустрија кои работат на роботика и автоматизација, области чии знаења можат да се применат и во напредните податочни центри.

„Кадар постои. Ние годишно произведуваме околу 1.000 ИТ-инженери од различни факултети во државата, но секако ќе биде потребна и дополнителна специјализација на истите“, истакна Андоновски.

Проектот за национален податочен центар треба да обезбеди инфраструктура за чување и обработка на податоци, а неговото модуларно поставување ќе овозможи капацитетите да се надградуваат согласно потребите од дигитални услуги и нови технологии.