Австриската влада го претстави нацрт-законот со кој во земјата се воведува задолжителна вакцинација против коронавирус од февруари.
Австрискиот канцелар Карл Нехамер најави дека задолжителната вакцинација ќе стапи во сила на почетокот на февруари, а преодната фаза без казни ќе трае до средината на март.
Од 16 март, како што беше кажано на прес-конференцијата, ќе бидат казнувани оние кои не се вакцинирани. Предлог-законот предвидува казни од 600 до 3.600 евра.
Во Австрија обврската за вакцинирање ќе важи за сите граѓани на возраст над 18 години, а од оваа мерка се изземени бремените жени и сите лица кои не можат да се вакцинираат од медицински причини.
Нехамер изрази уверување дека предлог-законот ќе биде усвоен во парламентот, бидејќи се работи за тема која се однесува на општото здравје.