Втора инвестиција на белгиската компанија „Авеста холдинг“ во земјава
Белгиската компанија „Авеста холдинг“ официјално започна нова инвестиција во Македонија. Инвестицијата е вредна 26 милиони евра, со што ќе гради втор производствен капацитет во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип. Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, оствари средба со менаџментот на „Авеста холдинг“ во седиштето на компанијата во Нинове, Белгија. На средбата беа разгледани досегашните резултати и беа договорени идните чекори.
– Ова е реален пример за активната работа и новиот пристап на Владата, кој носи реални економски резултати. Инвестицијата е стратешки значајна за регионалниот економски развој, особено во Штип, рече Димовски.
На средбата беше направена и обиколка на постојниот производствен капацитет, со фокус на новите технологии што компанијата планира да ги примени и во новата фабрика.
Нови технологии и 150 работни места – фабрика за батерии во ТИРЗ Штип
Ношин Омар, сопственик и претседател на „Авеста холдинг“, изрази благодарност за институционалната поддршка, нагласувајќи ја транспарентноста и отворениот пристап на ТИРЗ. Ова стои како како клучен мотив да се реализира втора инвестиција токму во Македонија.
– Во новата фабрика во Штип ќе се произведуваат батериски системи од најнова генерација, применливи за електрични возила и стационарни енергетски решенија, појасни Омар.
Според бизнис планот, изградбата ќе започне на крајот на 2025 година, а со тоа ќе се отворат до 150 високо платени нови работни места. Компанијата, која веќе работи во земјава, го проширува капацитетот како дел од стратегија за регионален раст.
Оваа инвестиција го потврдува статусот на Македонија како стабилна, предвидлива и конкурентна дестинација за странски директни инвестиции.