Министерството за финансии ја издаде втората емисија на граѓанска обврзница со камата од 5 отсто годишно и граѓаните може веќе да инвестираат преку поднесување барање за учество на аукцијата, соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими.
Во гостување во Тема на денот на ТВ Сител, Бесими изјави дека граѓанската обврзница им овозможува на граѓаните да ја зачуваат вредноста на нивните пари, особено во услови на висока инфлација и е дел од политиките што Владата ги презема за да е справи со ценовната криза.
Интересот е голем од граѓаните за овој инструмент. Во првата емисија беше објавен проспект на 10 милиони евра, а беше запишан износ од 23 милиони евра, од страна на 1300 граѓани. Граѓаните покажуваат сега поголем интерес бидејќи веќе се запознаени со бенефитите коишто ги нуди овој финансиски инструмент. Дополнително тоа влијаеше и на зголемување на каматите на депозтите во банките, а позитивно влијание има и кај стопанството, рече тој.
Проспектот за втората емисија на граѓанската обврзница беше објавен на 18 октомври и граѓаните имаат можност преку деловните банки да поднесат барање за учество во аукцијата која ќе се одржи на 7 ноември.