Тие се одлучиле на ваков потег за преку протест да го изразат својот револт поради повеќедецениското нерешавање на прашањето за изградба на регионален пат помеѓу населените места во рамките на општината Македонски Брод и Скопје, согласно донесената одлука на граѓанските здруженија од Поречкиот регион и повеќе совети на месните заедници во рамките на општината.

Од 11 до 11:30 часот ќе го блокираме булеварот „Борис Трајковски“, а исто така од 14 до 15 часот ќе ја блокираме и улицата „Маршал Тито“ во Македонски Брод – велат од Здружението на граѓани „Поречки средби“.

Во соопштението се додава дека до многу населени места во околијата се доаѓа само преку резреватот „Јасен“.

Од Скопје до Самоков и многу околни села сè уште се стига само низ резерватот „Јасен“ и тоа само во три термини во лето и два во зима. Траса долга 16,5 километри се вози по необезбеден пат широк само 2,5 метри и овој пат е прогласен за регионален пат кој ни најмалку не ги задоволува стандардите и е крајно ризичен за сообраќај на моторни возила со таков интензитет. Доколку се задоцни за овие термини, тогаш треба да се возат околу 200 километри преку Кичево до Скопје. Ова е вистинска голгота и за оние 800 жители кои секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Во овој крај инаку гравитираат 45 села и шест викенд-населби, каде што постојано се градат викенд-куќи – се вели во соопштението.

Иако со изградбата на акумулацијата „Козјак“ беше најавено пробивање на две траси покрај езерото, со што би се решил деценискиот проблем и ќе се остварат елементарните човекови права на жителите од Поречието, ова остана само на хартија.