– Бојкотот си тече, исто како и во четвортокот. Забележителен е притисокот на децата и родителите од страна на наставниците – вели воспитувачката Драгана Спасевска за „Слободен печат“, која стои зад групата на родители организирани преку Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“.
Бојкотот продолжува откако најпрво беше организиран во четвртокот, а Спасевска вели, доколку од МОН не одговорат на барањата на родителите, ќе следува протест.
– Ќе ја чекаме прво министерката Мила Царовска да не побара. Пет дена од барањето изминуваат во четврток. Ако не се одговори на нашите барања , во недела ќе имаме мирен протест – додава Спасевска.
Минатата недела родителите пред МОН ги кажаа своите барања: стопирање на постапката за законот за дигитализација на учебниците, јавна дебата за законот со учество на стручни лица, како и родителите конечно да бидат вклучени во водењето на образовните политики.
Од министерството за образование, пак, велат нема бојкот на наставата туку поединечни отсуства.
-Министерството за образование и наука информира дека помали групи на ученици од неколку училишта во државата не ја посетуваат наставата организирана со физичко присуство, односно не се вклучени во онлајн наставата.Апелираме до нив и до нивните семејства, да ја променат таквата одлука и заедно со сите други ученици да се вратат на часовите и на процесот на стекнување знаења, што впрочем треба да биде нивен приоритет и единствена грижа, се вели во соопштението на МОН