На барање на шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел, белорускиот амбасадор денеска се сретна со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи, Стефано Санино. ЕУ на амбасадорот му пренела дека приведувањето на Пратесевич е неприфатливо, како и присилното слетување на авионот во Минск каде се наоѓал белорускиот опозиционер.
-Амбасадорот Михневич беше информиран за острата осуда на институциите на ЕУ и земјите членки за присилниот чин со кој белоруските власти ја загрозија безбедноста на патниците и екипажот, стои во соопштението на европската дипломатска служба.
ЕУ смета дека ова е уште еден обид на Минск да ги замолчи опозициските гласови и побара веднаш да биде ослободен Пратасевич.
Темата ќе биде на дневниот ред на шефовите на држави и влади кои се состануваат вечерва и утре во Брисел на вонреден самит.