Регионалната соработка во Југоисточна Европа (ЈИЕ) е составен и суштински елемент на нејзиниот општествено-економски напредок, порача генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), Мајлинда Брегу, во обраќањето на меѓународната конференција „Дубровник Форум 2021 година“.
-Како резултат на соработката втемелена на добра волја, укинати се цените за роаминг на целиот Западен Балкан, што веднаш го олесни животот на оние кои патуваат и водат бизнис во регионот,потсети Брегу.
Освен укинувањето на роамингот како добар пример за Западен Балкан, таа посочи дека во тек се подготовки да се овозможи бесплатен роаминг и со ЕУ, а потсети и дека врз база на регионалната соработка во време на пандемијата беа отворени границите за основни стоки и лекови, односно т.н. зелени коридори.
Брегу потсети и на првата Стратегија за развој на Југоисточна Европа 2030, која минатиот месец ја усвоија земјите-членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, која ги опфаќа и Западниот Балкан, Турција, Молдавија и членки на ЕУ.
-Таквата географска покриеност сама по себе е силна политичка порака,рече Брегу.
Инаку, според податоци кои беа изнесени, поради пандемијата со ковид-19, Југоисточна Европа претрпела пад на БДП од 5,7 отсто. Просечната невработеност во овој регион изнесува 11 отсто додека на ниво на ЕУ е 7 отсто, а невработеноста на младите во просек е 22,3 отсто.