По наредба на премиерот Росен Жељазков, авион „Спартан“ на бугарското воено воздухопловство денеска отпатува за Македонија со цел да транспортира пет тешко повредени лица од пожарот во Кочани до бугарските болници, соопшти бугарската Влада.
Во авионот патуваат медицински тимови од Бугарија, составени од лекари за интензивна нега и специјалисти за изгореници, кои ќе се грижат за повредените за време на транспортот.
Пациентите ќе бидат примени на специјализирани одделенија за изгореници во болниците во Софија и Варна, каде што ќе добијат неопходен медицински третман.
Дополнително, бугарските власти соопштија дека во готовност се ставени клиничките капацитети во болниците во Софија, Варна и Благоевград, доколку се укаже потреба за прием на уште повредени лица. Бугарските болници се подготвени да примат дополнителни пациенти во координација со властите на Република Северна Македонија, информира Владата во Софија.
Извор: Нова Македонија