Поранешниот разузнавач и безбедносен аналитичар Владо Јовановски истакна дека бугарските тајни служби во деведесеттите години биле исклучително силни и подготвени, функционирајќи како спој на источната и западната разузнавачка школа. Тој нагласи дека овие служби секогаш работат за остварување на националните интереси на својата земја, додека во Македонија постоеле одредени периоди во кои политичките власти директно ги спречувале домашните разузнавачи во извршувањето на нивната основна должност.

„Нивните служби уште од првата Бугарска држава во 19 век се длабоко инволвирани во спроведување на политиките на националните интереси на државата, по дефиниција така и би требало да бидат и нашите. Мое мислење е дека, за жал, многу, многу послабо сме работеле на сето тоа, воопшто. Имало периоди кога ние, кои сме сакале и ни било должност тоа да го работиме, сме биле спречувани. Во смисол – службите, нели, ги насочува политиката. Не може службата самостојно да спроведува акции и така натаму, туку мора да дејствува според насоките од државниот врв. И така, не праќале на друга страна „не гледај таму, гледај таму“ и така, се’ со цел да не им изреметиме некои нивни лични претензии, желби, замисли и така натаму“, потенцира Јовановски.

Јовановски посочи дека ваквите состојби се однесувале на времињата на претходното владеење, периоди во кои кадрите со патриотски и промакедонски позиции биле маргинализирани и преместувани на помалку значајни функции низ институциите, далеку од фокусот на заштитата на државните и националните интереси.