Ценовниот шок падна како тежок удар врз грбот на граѓаните. Како да не е доволно страшен податокот што огромен дел од населението ни живее во сиромаштија, сега со низата поскапувања се влеа страв во коски кај народот.

Граѓани велат „Ќе дојде време, леб да не можеме да си купиме“.

И токму лебот, како основна намирница, поскапува, но демнее опасноста да се намали производството, а со тоа да се јави и дефицит.

Во страв од нови поскапувања, дел од граѓаните почнаа да си прават залихи. Купуваат брашно, сол и шеќер на килограми, зејтин и млеко по неколку литри. Месото им стана луксуз.

Викендов, пак, во дел од маркетите, не можеа да се најдат ниту основните продукти. Дел поради паничното купување на дел од граѓаните, дел поради дрскоста на трговците.

Замрзнувањето на цените беше куса мерка која само го пролонгираше, но не го реши проблемот.

Владата ги смирува граѓаните

Во текот на вчерашниот ден, со свое соопштение се огласија од македонската Влада. Од таму истакнаа дека Република Македонија има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви, граѓаните да бидат смирени не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи.

Посочуваат дека се снабдуваат државните резерви, како што е предвидено во годишната програма.

-Во моментот нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат залихи за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви. Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Влада ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто.Апелираме трговците да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи, бидејќи од оваа одлука нема никој да загуби, велат од Влада.

Граѓаните да бидат сигурни, информираат тие, објаснувајќи дека и во најавите на Централната банка која изминатите денови информираше дека девизниот курс на денарот е стабилен и таков ќе остане.

-Оваа монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот е соодветна стратегија во линија со фундаментите на македонската економија. Согласно оваа потврда за стабилноста на курсот се девизните резерви кои се клучната алатка при ваков тип на монетарната стратегија кои според последно расположливите податоци изнесуваат околу 3,4 милијарди евра што е двојно повисоко ниво во однос на 2008 година на глобалната финансиска криза.Владата е во редовна комуникација со сите релевантни општествени чинители, како и со меѓународните институции, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, за евентуално доколку има потреба да се користат инструменти кои ќе помогнат во финансирањето на трошоците во економијата на земјата, велат од Влада.

Вучиќ ги сруши владините тврдења како кула од карти

Српскиот претседател Александар Вучиќ во синоќешното вонредно обраќање до јавноста за политичката и економската криза околу воениот конфликт во Ураина, изјави дека Србија на барање на Македонија ќе ѝ испорача 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка.

-Ние денеска ги добивме потребите на Северна Македонија, тие од нас побараа да им испорачаме 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка и тоа можеме веднаш да им испорачаме, немаме проблем во врска со тоа. Тие купуваат пченка од нас и секогаш ќе имаме и за регионот, и за нас, и за Северна Македонија, и за Црна Гора, и за Албанија, и за БиХ, изјави Вучиќ.

Тој кажа дека Украина и Русија се вкупни извозници на пченка од 29 отсто на светската производство, за што има големи нарушувања поради воениот конфликт.

Според српскиот претседател, Србија има доволно количини на пченка, за брашно тип 500, за леб и за сè друго и нема да го ограничи извозот.

-Во овој момент нема да го ограничуваме извозот, ја следиме состојбата и подготвивме мерки да го ограничиме извозот на пчеката и пченицата на 20 отсто, доколку за тоа има потреба, но во овој момент за тоа нема потреба, кажа Вучиќ.

Сето ова значи дека состојбата во Македонија воопшто не била сигурна, како што тоа го претставија од македонската Влада. Напротив, без помош од Србија, проблемот кој најмногу го чувствуваат граѓаните, би бил уште поголем.

ВМРО-ДПМНЕ: Владата ја донесе Македонија во опасност, дали стоковите резерви биле празни и затоа владата не интервенираше на пазарот?!

Владата ја донесе Македонија во опасност, дали стоковите резерви биле празни, и затоа владата не интервенираше на пазарот?! Владата дозволи цените на брашното и лебот да се зголемат и не презема ништо против тоа, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ковачевски не ги употреби државните резерви, за да го намали притисокот врз мелничарите и да спречи покачување на брашното и лебот. Сега гледаме дека причината можеби била во тоа што тие биле празни.Што правеше владата до сега и зошто не беа преземени чекори за полнење на државните резерви, туку тоа се прави во сред војна во Украина? Што доколку Србија немала и од каде и како ќе набавеле? Бектеши, Бесими и Ковачевски уверуваа дека стоковите резерви се полни и дека ништо не недостасува, а сега гледаме дека молеле за милостиња и побарале 50.000 тони пченици и 25.000 тони пченка од Србија, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат: „Реси Абдурахмани, првин кажа: Имаме колку што треба стокови резерви. Потоа Пендаровски рече: Имавме потреба и побаравме од Србија пченица и пченка. За на крај Горан Милевски да каже: Србија сама се понуди, ние не сме побарале пченица и пченка“.

-Владата е неодговорна и ја донесе земјата во опасност. Се поставува прашањето, што уште недостасува во стоковите резерви и дали има доволно од сите неопходни продукти? – посочуваат од партијата.

На трговците им се закануваат казни

Министерот за економија Крешник Бектеши пред неколку дена апелираше сите трговци да ја почитуваат владината одлука за ограничување на трговските маржи на основните прехранбени производи зашто од неа, како што истакна, нема никој да загуби и највеќе ќе добијат потрошувачите, односно граѓаните на државата.

Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.

Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало стапи во сила, а минатиот вторник ја донесе Владата по предлог на Министерството за економија. Со тоа, престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31-ви мај годинава.