Џафери им ја честита годишнината од НАТО членството на граѓаните, но и на институциите на Република Македонија, на сите минати влади и политички чинители и до актуелните политички гарнитури, без оглед дали се од власта или опозицијата, бидејќи, како што вели, секој од нив, во својот домен, ја даде својата поддршка и имаше удел во статусот што го имаме и уживаме денес, односно 30-та земја членка на најмоќниот воено-политички сојуз, безбеден чадор и чувар на безбедноста на нашите граѓани и на територијалниот интегритет на Република Македонија.

– Ние сме подготвени за иднината – Македонија во НАТО 2030, напиша во честитката претседателот на Собранието Џафери.

Тој потсети дека на 11 февруари 2020 година ја водел свечената 133. пленарна седница по повод ратификацијата на Договорот и како што рекол и тогаш, повторува и сега, дека „За нас, ова е историски ден!“.

– И навистина, исправноста на таа одлука се потврди за време на оваа година а сигурно ќе се зацврсти уште повеќе во годините што следат. Раката на поддршка и пријателство што ја пружија земјите членки на НАТО, нашите сојузници, беше од огромна корист за нашиот здравствен систем и справувањето со последиците од пандемиската криза. Убедени сме дека таа поддршка ќе биде сигурен наслон во идните предизвици што следат затоа што, тоа е мотото на НАТО, сите за еден и еден за сите! Ние сме подготвени да го дадеме својот придонес и удел во колективната безбедност и сигурност на семејството на НАТО, стои во честитката упатена од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Собранието Талат Џафери го прима знамето на НАТО кое беше кренато пред Собранието / 11 февруари 2020