Во касарната „Илинден“ се одржа свеченост по повод петгодишнината од членството во НАТО. На настанот, претседателката и врховен командант на Армијата Гордана Сиљановска Давкова ја истакна важноста на членството. Таа рече дека членството претставува значајна инвестиција за македонската Армија и заштита на државниот суверенитет.

Според Сиљановска Давкова, мора постојано да се инвестира во одбранбените капацитети на Северна Македонија.

„Нашата инвестиција во Алијансата е истовремено инвестиција во Армијата, која претставува бедем на нашиот територијален интегритет и независноста на Републиката“, нагласи Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова најави дека Северна Македонија и понатаму активно ќе учествува во мировните мисии предводени од НАТО и Обединетите нации. Таа потенцираше дека земјата и во иднина ќе ги следи НАТО-стандардите, како и Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.

Сиљановска Давкова верува дека трансатлантската соработка и покрај одредени несогласувања ќе остане клучна.

„Верувам дека и покрај одредени недоразбирања, трансатлантската соработка, базирана на меѓународни правила и принципи, ќе продолжи да биде основа и гаранција за европската и евроатлантската безбедност и стабилност, а ние ќе продолжиме да чекориме и дејствуваме во заедничка насока“, истакна претседателката.

Во своето обраќање, Сиљановска Давкова потсети дека петгодишнината од членството во НАТО се одбележува во сенката на трагичниот настан во Кочани. Таа рече дека оваа трагедија силно нѐ потсети на основната обврска на државата – безбедноста на граѓаните.

Сиљановска Давкова се заблагодари на државите, граѓаните и институциите кои покажаа голема солидарност и хуманост во справувањето со последиците од трагедијата.

„Петтата годишнина од членството во НАТО ја одбележуваме во сенка на големата трагедија во Кочани, која на ужасен начин нѐ потсети дека безбедноста на граѓаните е меѓу основните задачи на државата. Успешната битка за животот на повредените во оваа страшна трагедија не беше можна без импресивната хуманост и солидарност од државите, народите и граѓаните од регионот и многу пошироко, како и активирањето на европскиот систем за цивилна заштита и НАТО, за што сме бескрајно благодарни“, рече Сиљановска Давкова.