Причина за повлекувањето е иницијативата на владејачкиот просрпски Демократски фронт, кој во саботата најави дека ќе поднесе иницијатива за скратување на мандатот на актуелното собрание, за напролет да се одржат предвремени парламентарни избори.

Демократскиот фронт е составен дел од актуелното владејачко мнозинство, но од почетокот се спротивстави на експертската влада на Здравко Кривокапиќ, тврдејќи дека во неа требало да бидат вклучени политичари од тој политички сојуз, а често ја условуваа нивната поддршка за владините предлози во парламентот.

Сметаме дека без одлагање треба да почнат разговорите за формирање ново парламентарно мнозинство, се наведува во заедничкото соопштение од опозицијата и оттаму се додава дека „поради оваа причина, ја повлекуваме иницијативата за недоверба на црногорската влада“.

Предлогот за разрешување на владата, поднесен до црногорскиот Парламент кон крајот на ноември од членовите на Демократската партија на социјалистите (ДПС), албанските национални партии, Бошњачката партија, СДП и социјалдемократите, вели дека Црна Гора е вмешана во голема политичка и институционална криза, најголемата од воведувањето на повеќепартизмот во земјата. За тоа најмногу придонела ситуацијата поврзана со статусот на Српската православна црква, за која тврдат дека има клучни лостови во црногорската влада.

За да ја урне власта, опозицијата мораше да обезбеди само еден глас од претставниците на владејачките партии, а неколку недели пред седницата се шпекулираше дека за „златниот глас“ се понудени неколку десетици милиони евра.

Претходно, во црногорските политички кругови се споменуваше можноста за формирање малцинска влада, која би ја поддржале претставниците на Обединетата реформска акција(УРА), на Дритан Абазовиќ, кои сега се дел од владејачкото мнозинство, а во која немаше да биде вклучена ДПС на Мило Ѓукановиќ.