Неговиот Фејсбук статус ви го пренесуваме во целост:
-Ајде да разбиеме еден мит! Во тек на пандемијава цело време сме опседнати со „јакнење на имунитетот“ преку грозничаво голтање суплементи, лекови…
Точно е дека во борбата со една вирусна инфекција, каква што е ковид-19, можеме реално да се потпреме, пред сѐ, на сопствената одбрана – неспецифичниот имунитет.
Меѓутоа, сосема погрешна е идејата, дека за успешна борба со вирусот ни треба јак имунолошки систем! Тоа е погрешен концепт!
Не ни треба јак имунитет, ни треба избалансиран имунитет!
Прејакиот имунолошки систем може да биде исто толку штетен, колку и преслабиот!
Тука само ќе го спомнам ризикот од настанување на опасната по живот „цитокинска бура“. Таа е последица токму на претераната стимулација на имунолошкиот систем, што доведува до автоимуни реакции… и „бура“… и многу често – лош исход…
На другиот екстрем е преслабиот имунолошки систем. А тој таков станува, ако му се уништи „центарот“ за регулација – цревната бактериска флора. И видовме дека тоа многу успешно се постигнува со некритичното земање антибиотици. Но, тоа не е тема на текстов.
Како да постигнеме избалансиран имунолошки систем? Со имуномодулатори од типот на изопринозин, кверцерин, бета глукани и слични препарати? Со „цинкови“, „селени“, витамини (Ц, Д и Б)?
Никако не! Зошто? Затоа што тоа нема никаква смисла! Затоа што нема да умееме да процениме кога е доста! Затоа што лесно може да пречекориме во „црвената зона“, во пустото настојување, по секоја цена, да го „зајакнеме“ својот одбранбен систем! Што носи тешки ризици…
Организмот наш е совршено комплициран, избалансиран, самоодржувачки систем, со суптилни механизми за саморегулација (за одржување на т.н. хомеостаза). Не е можно – дури, вулгарно е – да помислиме дека со едноставно пиење „хемија“, можеме да постигнеме негово „јакнење“!
Настрана фактот што тоа никако не е можно од денес до утре. Цел живот претходно не сме се грижеле за него и сега, наеднаш, мислиме дека со „хемија“ ќе го „набилдаме“!? „No way“! Па не е тоа апче за главоболка – испиј го и главоболката ќе помине за миг…
Тогаш, што треба да се прави?
Макотрпен и долг е процесот на доведување во рамнотежа на биолошките процеси во организмот. Тоа подразбира, пред сѐ, здрав начин на живот! А концептот на „здрав начин на живот“ се состои не само од избалансирана, разновидна исхрана, туку и секојдневна физичка активност, социјална активност, умеење да се ужива во мали задоволства… кои се вградуваат во мозаикот на едно генерално чувство на задоволство, благосостојба – да не речам, среќа! А тоа, за возврат, обезбедува и баланс на биолошките функции, меѓу кои и на имунолошкиот систем.
Звучи прекомплицирано и претенциозно? Можеби… Ама, per aspera ad astra!
Но, тоа за достигање до ѕвездите е долгорочна цел. Што можеме да постигнеме „на куси патеки“? Можеме ли да постигнеме нешто поопипливо, промптно, соочени со непосредната опасност од ковидот?
Можеме! Можеме преку одржување во топ-форма на цревната бактериска флора. Која, нели, го оптимизира/балансира имуниот одговор на организмот!
Како? Тука (пак) доаѓаме до единствено логичното решение – преку балансирана исхрана, богата со протеини, витамини и минерали, но и со пробиотици и пребиотици.
Зошто не со суплементи? Затоа што само со користење на природни извори – храната, никако не е можно да се предозираат витамини, минерали….
И само преку храната не е можно да се претера со стимулацијата на имунолошкиот систем!
Би рекол, појасно – здравје, вели Даниловски во својата објава.