Утре е денот Д во битката меѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и потпретседателот на партијата Радмила Шекеринска. Но, во оваа битка конечната победа заминува на контото на Зоран Заев, велат за НетПрес партиски извори од СДСМ.

Според информациите, кои се неофицијалани, на утрешниот конгрес Зоран Заев, кој патем е и единствен кандидат на изборот за претседател на партијата, ќе ја разреши Радмила Шекеринска од потпретседателската функција. На нејзино место, велат нашите извори од СДСМ, Заев ќе го назначи Венко Филипче. Наводно ваквиот потег доаѓа поради големата блискост на Заев и Филипче, која инаку целата македонска јавност можеше отворено да ја забележи во аферата со набавката на вакцините за Ковид 19 од Кина, а која беше обелоденета неодамна и тоа од кинеските власти. Нашите извори велат дека многумина во СДСМ сметаат дека двајцата се влезени во многу заеднички „дилови“.

Инаку, во партијата се шпекулира дека втор крупен чекор кој ќе го преземе Заев е тоа што најавил дека во мај, годинава, ќе го разреши од партиската функција и Оливер Спасовски. Министерот за внатрешни работи е на позиција потпретседател на партијата. Познавачите на состојбите во СДСМ, оваа одлука на Заев ја коментираат како втор силен удар врз крилото на Радмила Шекеринска, по целосното отстранување од партијата и од државните функции на Дамјан Манчевски, кој исто така важеше за многу близок човек на „вечната“ во СДСМ. Инаку, во еден објавен прислушуван телефонски разговор, Манчевски беше ословуван како „Дамјан на Рада“.

Со овие два потега, сметаат познавачите на состојбите во СДСМ, Заев силно ќе си ја зацврсти својата лидерска позиција во партијата. Имено, Шеќеринска која и не беше претендент за претседателското место, откако под нејзино раководство оваа партија ги постигна најлошите политички и изборни резултати во 2008 година, кога освои само 27 пратеници, сепак силно работела на наметнување на свое влијание и обезбедување сопствена висока позиција. Партиските неофицијални информации велат дека „вечната во СДСМ“ интензивно дејствувала во објавување на афери и скандали во јавноста на сите партиски функционери за кои сметала дека им се зголемува популарноста. Од друга страна, по пројавувањето на интерес на Оливер Спасовски за лидерската позиција во СДСМ, тој добивал силна подршка и ветер во грб од Шекеринска. Нејзината цел потоа повторно била да добие висока партиска позиција и наметнување сопствено влијание, како и згрижување на нејзини луѓе на високи функции.