Има инфлација зошто не се идентификуваат структурните фактори, како на пример демографските промени, иселувањето на населението, намалувањето на работната сила, кои ги вивнуваат трошоците за работната сила (платите). Нема мајстори, нема келнери, нема работници, а има побарувачка, пишува Маја Кадиевска Војновиќ, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ во Колумна за Фокус

Во продолжение нејзиниот став

На почетокот на оваа година, владата на ДУИ и СДС најави воведување данок на екстра профит, кој подоцна го нарече данок на солидарност.

Овој еднократен данок треба да го платат сите фирми во Република Македонија, кои во 2022 година оствариле приходи над 10 милиони евра (претежно големите), а нивната добивка била повисока во однос на просекот од претходните три години, без 2020 година, кога имаше ковид-криза. На скратено.

Опозицијата беше и е против овој закон за данок на солидарност, поради повеќе причини.

Прво, ваков еднократен данок во текот на 2022 година воведоа неколку европски држави, но повеќето од нив го оданочија само енергетскиот сектор, т.е. фирмите – производители и трговци што заработија екстра од покачувањето на цените на енергенсите (гасот, електричната енергија, нафтата). Многу мал број држави ги опфатија и фирмите од малопродажба или од другите сектори во економијата.

Впрочем, „windfall tax“ значи неочекуван данок што го наплаќаат владите од одредени индустрии, кога економските услови (во случајот конјуктурата на пазарот на енергенси) дозволуваат тие индустрии да се стекнат со значителен натпросечен профит (неочекуван профит).

Таква индустрија или сектор беше енергетскиот за време на 2022 година. Но, на домашната листа на околу 160 фирми што ќе бидат опфатени со овој данок, не знаеме колку фирми се од енергетскиот сектор.

Владата треба да каже колку фирми-производители или трговци на струја заработија екстра од енергетската криза. Или, пак, некои фирми внимателно не се избрани во пресметката, на пример новоформираните трговци со струја?

МНОГУ ФИРМИ РАБОТАТ НА ЦРНО

Второ, опозицијата беше и е против овој закон зашто е неправеден и повторно насочен кон фирмите што редовно плаќаат даноци, а не кон фирмите што егзистираат во сивата економија и не плаќаат даноци.

Најавените даночни реформи од страна на владата, заедно со овој данок на солидарност, кои се ветени на ММФ поради заемот за претпазливост и ликвидност, не се никаква суштина и реформа кога во домашната економија, голем дел од фирмите работат на црно, а со тоа им конкурираат на фирмите што работат легално и си плаќаат даноци.

Според нашите сознанија, околу 200 милиони евра се евидентирани побарувања во Управата за јавни приходи (УЈП) по основа на ненаплатени даноци (акцизи, царини, ДДВ) и прашањето е кои се тие компании и луѓе што некој ги толерира?

Плус на ова е и сивата економија, која според проценките се движи од 25-40 отсто од БДП, и за која нема регулација, односно е чувана и поттикната од неефикасните државни институции. Солидарноста и правичноста треба да почне од тука – сите да плаќаат давачки на државата.

Трето, данокот на солидарност, според проценките на власта, ќе обезбеди прилив од околу 76 милиони евра за државната каса. Прашањето е за кого и за што ќе бидат искористени овие средства?

Државите што собраа средства од овој данок имаат специфична намена на средствата во програмите за поддршка на сиромашните семејства и компании во 2022 година.

Кај нас стои дека средствата ќе се користат за мерки за справување со ковид-19 кризата и други антикризни мерки. Ковид-19 кризата е завршена веќе втора година по ред, а за која друга криза се мисли? Па, немаме ни прогласено веќе енергетска криза. Владата ја укина.

Владата се правда дека ова се пари што солидарно фирмите треба да ѝ ги вратат поради тоа што истата држава ги помагала во услови на кризи? А, што кажа Државниот завод за ревизија (ДЗР)?

Недоволна транспарентност при доделувањето на средствата за финансиска поддршка, распределба без утврдени критериуми за изборот на институции и општини, без критериуми за износот на одобрените средства, неутврдени намени за кои треба да се искористат средствата, како и неизвршени контроли – е ова се силни и тешки забелешки на ДЗР, кои алудираат на корупција, криминал и сл.

Воедно, за енергетската криза се префрлаа пари на државната ЕСМ (немаме отчет), кои завршија во нечии фирми и за нечии цели. Патем, зошто нема намалување на цената на струјата во 2023 година кога има позначајна надолна корекција на сите берзи? И поевтино нели се произведува од поставените домашни фотоволтаици?

Владата во текот на кризите се презадолжи, за што требаше и не требаше, а со тоа креираше висок нов јавен долг. Ама никаде не кажува дека со парите од данокот на солидарност ќе го намалува овој долг!

Е ако направи така, тоа е вистинска редистрибуција на доходот за корекција на дисторзиите, како што милува да каже владата.

ПОДОЛГ ПЕРИОД ВО СТАГФЛАЦИЈА

Четврто, фирмите ќариле од инфлацијата и затоа имаат високи профити е заклучокот на некои поборници на даноков. Ќари и државата. Па, само колку собра од растот на цените и од ДДВ? Од растот на увозот преку царините? Но, ова е на краток рок.

На долг рок треба да погледнеме подлабоко. Домашната економија е веќе подолг период во стагфлација, состојба на низок економски раст и висока инфлација (по дефиниција треба да има и раст на невработеност, но кај нас нема зошто нема веќе ни вишок на работна сила).

Немаме реална економија народски кажано. Немаме количински раст, само цените растат. Но, зошто имаме една од највисоките инфлации во Европа?

Има инфлација зашто фискалната и монетарната политика во земјава ја потценија на почетокот и ја насловија инфлацијата како само увезена (не и домашно создадена).

Заборавија на „успешната политика“ на пораст на платите во подолг период (од Заев наваму), што во услови кога имавме пад на продуктивноста на трудот, ни се врати како бумеранг.

Има инфлација зошто не се идентификуваат структурните фактори, како на пример демографските промени, иселувањето на населението, намалувањето на работната сила, кои ги вивнуваат трошоците за работната сила (платите).

Нема мајстори, нема келнери, нема работници, а има побарувачка. Има инфлација, зошто лани фирмите во Македонија искусија највисок (трикратен) раст на цената на струјата во цела Европа.

Има инфлација, зошто стоковите резерви не се користат, т.е. се препродаваат, а увезуваме поскапа пченица од берзанската пазарна цена. Има инфлација, зошто државата уште нерационално троши, и не ѝ помага на Народна банка во напорите да ја заузда инфлацијата.

Никаква фискално-монетарна координација. Каматите на кредитите растат и веќе тежнеат на билансите на фирмите, а ова ќе има ефект врз финалните цени.

ДАНОКОТ НА СОЛИДАРНОСТ Е ПРОТИВУСТАВЕН

Фирмите, целиот раст на трошоците за производство во минатиот период (плати, суровини, енергенси, сега и најново камати) го пренесуваа и ќе го пренесуваат врз финалните цени.

Фирмите се на пазарот за профит. Ако го немаат, ќе затворат. Ако сакаат краткорочно да ќарат од растот на цените, долгорочно ќе изгорат. И најново, инфлацијата само привидно се смирува, годишната стапка во јули од 8,4 отсто е чиста математика.

Лани, споредбената основа беше висока и нормално е инфлацијата на годишна основа да се намалува. На месечна основа нема смирување. Замрзнувањето на цените не го реши проблемот.

Петто и последно, но не помалку значајно е што Стопанската комора на Македонија укажа дека Законот за солидарен данок има ретроактивна важност на завршните сметки на компаниите за 2022 година и дека е во директна спротивност со член 52 од Уставот, кој пропишува дека „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните“.

Според нив, доколку пратениците го изгласаат законот во Собранието, тие и владата ќе бидат директно одговорни за прекршувањето на Уставот. Е сега, кој ќе ја плати сметката ако биде донесен законот за данок на солидарност, па ако тој биде оспорен на Уставен?

Пак граѓаните ќе платат на крајот. Граѓаните ќе треба да ги платат парите што ќе ги собере оваа влада за и пред избори од данокот на солидарност. Зар уште треба да бидеме солидарни со оваа влада?

Владата ќе каже за овој данок „Воведувањето на данокот за солидарност е од општ интерес за сите граѓани и се базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност“. Која правичност? Која еднаквост? Која пропорцијалност?

Исто како што се плаќаат сметките за струја во некои општини? Правично, еднакво и пропорционално.

(Авторката е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ)