Техничкиот советник на семејството на повредениот патник вели дека дел од турбината предизвикал декомпресија во кабината

Прозорецот на авионот на „Рајанер“, кој принудно се врати во Солун по инцидентот над македонското небо, не пукнал сам, туку бил погоден од дел што излетал од моторот, тврди техничкиот советник ангажиран од семејството на повредениот патник Љубиша Каровиќ.

Експертот Христос Главопулос во интервју за грчката јавна телевизија ЕРТ изјавил дека најверојатно станува збор за дел од лопатка на турбината, кој го пробил прозорецот и предизвикал декомпресија во кабината.

Поради оштетувањето, авионот не продолжил кон крајната дестинација Меминген, туку се вратил на аеродромот во Солун.

Експертите разгледуваат две можни причини за дефектот

Според Главопулос, постојат две можни објаснувања за оштетувањето на моторот.

Првата можност е дефект на температурниот сензор Т12, кој се наоѓа во близина на местото каде што било забележано внатрешно оштетување на моторот.

Втората можност е кршење на лопатката поради замор на материјалот или внатрешен дефект.

Адвокатот на семејството на Каровиќ, Василис Цијарас, потсети дека истиот авион претходно истиот ден го прекинал летот од Солун кон Сараево и се вратил на аеродромот веднаш по полетувањето.

„Не знаеме дали двата инциденти се поврзани, но сметаме дека постои пропуст во одржувањето. Сè започнало од десниот мотор“, изјавил Цијарас.

Тој додал дека во моментов нема официјална потврда дека двата настани се поврзани.

Љубиша Каровиќ и натаму се наоѓа во болницата АХЕПА во Солун. Неговата сопруга Светлана изјавила дека тој има повреди на вратот и рамото, како и изгореници, а сè уште е во шок по случувањето.

Во следната фаза од истрагата ќе биде извршен првичен визуелен преглед на авионот. Во него ќе учествуваат надлежните истражни органи и техничкиот советник ангажиран од семејството на повредениот патник.