Демократскиот сојуз нема да учествува во работната група за промена на Уставот и смета дека пред да почне постапка зa внесување на Бугарите во Уставот, неопходно е од Бугарија да се обезбеди реципроцитет.

Тие бараат Македонците во Бугарија да бидат признаени и да можат да се организираат и здружуваат преку формирање културни центри, здруженија на граѓани, политички партии и други форми на асоцијации, заради негување и афирмација на културните, јазичните, историските и другите обележја, права кои во Македонија ги имаат сите етнички заедници, вклучително и Бугарите.

-Сѐ додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик, Република Македонија не треба да почнува постапка за промена на Уставот. Поради тоа, Демократскиот сојуз нема да номинира свој претставник во работната група за промена на Уставот.

Демократскиот сојуз бара Владата на Република Македонија директно, како и со помош на ЕУ и САД, да инсистира на признавање на Македонците во Бугарија.

Признавањето на Македонците во Бугарија ќе биде мал чекор на официјална Софија, но со историски димензии и почеток на нормализација на односите помеѓу Македонците и Бугарите, како и помеѓу двете држави, Македонија и Бугарија, велат од партијата чиј претседател е Павле Трајанов кој неодамна излезе од владејачката коалиција.