Слегувањето на Светиот Дух: Симбол на силата, надежта и заедништвото

Православната црква денес го одбележува еден од најсветлите и најзначајни празници во христијанскиот календар – Слегувањето на Светиот Дух, познат и како Педесетница, Света Тројца или Духовден. Овој празник секогаш се слави 50 дена по Велигден и 10 дена по Спасовден, и според традицијата, претставува роденденот на христијанската црква.

Самиот настан има длабоко духовно значење: Светиот Дух се симнува врз Апостолите и ги осветува, претворајќи ги во проповедници на Христовото учење ширум светот. Тоа е моментот кога почнува мисијата на Црквата како духовно тело на Исус Христос.

Празник со старозаветни корени: Од Ерусалим до секој дом

По Вознесението на Исус, неговите ученици останале во Ерусалим, собирајќи се заедно во молитва. Тогаш, во една просторија во Сион, на нив се симнал Светиот Дух – не како еднократен чин, туку како духовна енергија што продолжува да делува и денес.

Овој ден го слават сите христијани, но неговите корени се присутни и во еврејската традиција. Пред создавањето на христијанската црква, Евреите го празнувале истиот ден како спомен на Мојсеј и примањето на 10-те Божји заповеди, украсувајќи ги домовите со зелени гранки, цвеќиња и лисја. Денес, истиот обичај живее и во православието – црквите се украсуваат со трева, липови гранки и венци, кои верниците ги носат дома и ги поставуваат до иконите.

„Светиот Дух е сила што го оживува секое срце што верува“

• „Овој ден е меѓу највеличествените христијански празници што ни се предадени уште од времето на апостолите. Богослужбите на Педесетница се разликуваат по тоа што веднаш по Литургијата се служи вечерна богослужба – симбол на моментот кога Апостолите веднаш тргнале низ светот за да ја ширaт радосната вест“, стои во обраќање од православни свештеници.

На оваа вечерна служба, се читаат и молитвите на Свети Василиј Велики, во кои верниците молат за дар од Светиот Дух – за благосостојба, исцелување на душата и телото, и надеж дека ќе бидат удостоени за небесното Царство.