Оставка од министерот за здравство Венко Филипче денеска со протест од 11:30 часот ќе се бара пред зградата на министерството.
3.800 починати од ковид-19 и над 130.000 заразени од почетокот на пандемијата до денес. Секој ден умираат по триесетина луѓе, и се заразуваат нови 1.500, а Филипче наместо да трча да набави вакцини, тој на државна сметка лета со хеликоптер од Скопје до Прилеп. Единствена држава сме во светот која има добиено повеќе вакцини од донации, отколку што набавила. Да не беа донациите од Србија, немаше да можат ниту лекарите и медицинскиот персонал од ковид-центрите да се вакцинираат, рече на прес-конференција д-р Оливер Зафировски.
Додаде дека провизиите ги ставија на прво место, а здравјето на граѓаните не им е ниту на ум.
Скандалозно и срамно е ова што и се случува на државата. Главна причина се неодговорноста, неспособноста и корумпираноста. Затоа да се спротивставиме на срамот и скандалите. Ве повикувам на протест пред Министерството за здравство во сабота во 11:30 часот. Да го измиеме срамот на Филипче. Оставка веднаш, за тоа има 3.800 причини, порача д-р Зафировски.