Македонија се подготвува за денешниот голем сенароден протест! Демократија во Македонија, слобода за уставобранителите. Под овој слоган денеска  во 11 часот, почнувајќи од Владата завршувајќи со марш до Собранието, ќе се одржи сенароден македонски протест, во знак на поддршка за осудените за настаните од 27 април во Собранието.

Правдата не смее да биде слепа, Македонија не смее да ги заборави своите синови, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, а целото раководство на партијата  ќе учествува на денешниот семакедонски протест,  за како што најавија, за слобода за уставобранителите.

– Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест!, повика лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Поддршка и повик за протестот во недела најави и поранешниот премиер Никола Груевски.

– Протестот на 25. Април со кој се бара ослободување или пат до брзо ослободување на затворените лица заради учеството во настаните на 27 Април 2017 година, како и на припадниците на МВР е оправдан. Нивните пресуди се неправедни. Осудени се со сурова конструкција на лажна квалификација за тероризам со цел не само да бидат затворени, туку тоа да трае по 10, 15 и повеќе години, напиша Груевски на Фејсбук.

 

Поддршка и повик за протестот во недела во Скопје

Протестот на 25. Април со кој се бара ослободување или пат до брзо…

Posted by Nikola Gruevski on Friday, April 23, 2021

Оперскиот пејач Игор Дурловски, единствениот кој доби ослободителна пресуда во големиот судски процес за насилствата од 27 април, на својот Фејсбук профил соопшти дека на протестот ќе ја пее химната на државата.

Организаторите на Семакедонскиот протест апелираат до сите учесници да се придржуваат на протоколите за време на пандемија, носење маски и на пропишана дистанца, како и на почитување на неповредливоста на имотите и неприкосновеноста на животите. Организаторите се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти на етничка и верска основа.

За влезот во Собранието во 2017 година, судечкиот совет предводен од судијката Добрила Кацарска пресуди вкупно 211 години затвор за обвинетите во овој случај. Апелација подоцна ги намали казните, но за само една и две години. Единствен ослободен од вината беше Игор Дурловски, со чија изведба на македонската химна денеска ќе почне овој протест.