На средбата, како што информираат од СЕП, биле разменети мислења за можностите и очекувањата за надминување на проблемот околу блокадата на пристапниот процес во наредните месеци, но истовремено била истакната и важноста од спроведувањето на домашниот реформски процес.
– Владата на вчерашната седница ја донесе Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, во која се содржани плановите за усогласување на националното законодавство со правото и стандардите на ЕУ. Ова е израз на нашиот одговор на последните случувања – без оглед на се, ние продолжуваме да одиме по патот кој го имаме зацртано за европеизација на нашето општество. Никој не може да не блокира во оваа намера, нагласи Димитров.
Чешкиот заменик министер Хмелар, изрази жалење за неуспехот да се постигне консензус за Преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција на јунскиот Совет на ЕУ, потврдувајќи дека позицијата на Чешка по однос на нашиот пристапен процес останува непроменета и поддршката ќе продолжи и во наредниот период.
– Чешка е голем поддржувач на политиката на проширување, а пристапувањето на земјите од регионот ќе биде меѓу главните приоритети за време на чешкото претседателство со ЕУ, во втората половина на следната година, истакна Хмелар.
На состанокот, се вели во соопштението, било разговарано и за можностите за продлабочување на билатералната соработка и искористувањето на чешкото искуство во специфични секторски области.