Ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ искрено поддржуваат Една изборна единица, претседателот на Законодавниот Дом, Талат Џафери треба да закаже седница и да продолжи расправата за измени на Изборниот Законик, вели Генералниот секретар на Демократскиот Сојуз, Зоран Димитровски-Жоро.

Би било недоговорно ВМРО-ДПМНЕ да ги блокираат измените на Изборникот законик ако при тоа јавно ги поддржува, додава Димитровски.

Демократскиот сојуз сериозно ја разгледува можноста да ја напушти коалицијата доколку СДСМ спротивно на своите јавни заложби фактички дејствува против донесување на законот за кој имаме цврст коалиционен договор, вели Димитровски, кој тврди дека ова не е уцена, туку принципиелен став на ДС.

Лидер: Како Демокартскиот сојуз во време на активна блокада на Собранието бара Една изборна единица? Како може да се спроведе вашето барање?

-Блокадата на ВМРО ДПМНЕ не го спречува Собранието да продолжи со започнатата процедура, односно со расправа за предложените измени на Изборниот законик. Претседателот на Собранието треба да закаже пленарна седница. А ВМРО ДПМНЕ претходно се изјасни дека го поддржува овој закон и дека сака во расправата да придонесе со свои конкретни предлози на измените. Би било неодговорно опозицијата да го блокира донесувањето и на овие измени, ако велат дека ги поддржуваат и особено затоа што тие се однесуваат на демократизација на изборниот систем за каква ВМРО ДПМНЕ декларативно се залага и истовремено бара предвремени избори.

Лидер: Дали излегувањето од коалицијата со СДСМ е уцена во ваква состојба?

-Инаку, не станува збор за никаква уцена. Тоа не е манир на Демократскиот сојуз. Ние инсистираме да продолжи расправата во Собранието и законот во наредниот период по одржување на јавна расправа да дојде во фаза на предлагање амандмани а потоа и усвојување од пратениците. Ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ искрено поддржуваат 1 ИЕ, тогаш нема пречки така да се изјаснат во Собранието и законот може да биде изгласан. Ако некоја друга политичка партија го блокира донесувањето на законот, ќе оцениме што понатаму. Но Демократскиот сојуз сериозно ја разгледува можноста да ја напушти коалицијата доколку СДСМ спротивно на своите јавни заложби фактички дејствува против донесување на законот за кој имаме цврст коалиционен договор. И тоа е принципиелен став. Манипулациите и криењето зад некаков консензус на сите политички партии треба да престанат, за јасно да се види кој е ЗА а кој против 1 ИЕ.