Новиот систем EES носи сериозни застои на аеродромите

Европската Унија во октомври годинава започна со постепено воведување на новиот Систем за влез и излез (EES), кој се однесува на државјаните на трети земји и бара користење нова технологија на граничните премини. Иако моменталниот праг за примена е поставен на 10 проценти од патниците кои ги исполнуваат условите, системот веќе предизвикува значителни одложувања на аеродромите.

Прочитајте повеќе:

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ: Од денеска стартува дигиталниот систем за гранична контрола (EES)

Доцнења, пропуштени летови и долги редици

На аеродромите каде што EES веќе е оперативен, патниците ослободени од виза од Велика Британија, САД и други земји надвор од ЕУ мора да ги регистрираат своите биометриски податоци на посебни киосци. Новите гранични проверки резултираа со долги редици и значително продолжено време на обработка, при што во некои случаи патниците ги пропуштиле своите летови.

Според извештајот на Меѓународниот совет на аеродроми Европа, времето за обработка на граничните контроли на аеродромите е зголемено и до 70 проценти, со чекање до три часа во периоди на најголем сообраќај. Особено погодени се аеродромите во Франција, Германија, Грција, Исланд, Италија, Португалија и Шпанија.

Повик за итна ревизија и предупредувања за безбедноста

Во извештајот се наведува дека проблемите произлегуваат од чести прекини на системот, технички проблеми со конфигурацијата, недостапност на киосците за самопослужување, како и недоволен број гранични службеници поради недостиг на персонал. Дополнително, се отвора и прашањето за отсуство на ефикасна апликација за претходна регистрација.

Генералниот директор на ACI Европа, Оливие Јанковец, предупреди дека зголемувањето на прагот за регистрација на 35 проценти од 9 јануари, како што предвидува календарот за имплементација на EES, може да доведе до уште поголеми застои и системски нарушувања. Тој посочи дека тоа може да резултира и со сериозни безбедносни ризици, доколку оперативните проблеми не бидат навремено решени, најавувајќи можност за барање интервенција од Европската комисија и земјите-членки на Шенген зоната.