За вкупна почетна цена од 2.457.000 евра, државата повторно ги стави на продажба трите луксузните станови на Водно, кои Обвинителството ги презентираше како скриен имот на екс премиерот Никола Груевски, а кои беа конфискувани со пресудата за случајот „Плацеви на Водно“.

Овие апартмани досега два пати беа ставени на продажба, но немаше заинтересирани купувачи.

Станува збор за три стана во Панорама резиденс, со вкупна површина од 750 квадратни метри. Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 95 квадрати. Почетната цена од која ќе почне наддавањето е 760.000 евра. Од објавените фотографии може да се види дека станот располага со џакузи.


Вториот стан е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни. Наддавањето за него ќе почне од 847.000 евра.

Третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и со балкон од 48 квадрати. Неговата почетна вредност е проценета на 850.000 евра.

Сите заинтересирани потенцијални купувачи ќе имаат можност да ги разгледаат становите на 16 јули, а електронското надавање ќе се оддржи на 29 јули.

Груевски за „Плацеви на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелација ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор. Во предметот, Груевски, покрај за нелегалното купување на плацеви на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.