Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието, одговарајќи на прашањето поставено од пратеничката Јована Тренчевска, истакна дека Владата спроведува сеопфатни и континуирани мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и унапредување на правата на работниците.

Министерот потенцираше дека состојбата со цените е стабилизирана и под контрола. Според официјалните податоци, инфлацијата се движи меѓу 4,5% и 4,9%, што е значително намалување во однос на кризата од 2022 година кога таа надминуваше 10%. Дополнително, кај 55 основни производи растот на продажните цени е минимален – 0,43%, додека набавните цени пораснале за 1,01%, а трговските маржи се намалуваат, што укажува дека дел од товарот го преземаат и трговците .

Во однос на мерките, Дурмиши нагласи дека Владата донесе конкретни политики за ублажување на ценовните притисоци, меѓу кои намалување на ДДВ и акцизите за горивата, како и засилен инспекциски надзор преку Државниот пазарен инспекторат со 30 тимови на терен. Дополнително, веќе се разгледуваат нови таргетирани мерки, вклучително и можност за намалување на ДДВ за основните прехранбени производи и повторно ограничување на маржите.

Во делот на платите, министерот истакна дека Владата води одговорна и одржлива политика. Тој нагласи дека минималната плата не може да се утврдува со политички одлуки без економска основа, бидејќи тоа може да доведе до негативни последици врз работните места и стопанството. Наместо тоа, има методологија со која платите се врзуваат со просечната плата и трошоците за живот, со што се обезбедува континуиран раст.

„Во изминатиот период платите се зголемија во повеќе сектори преку колективни договори, а само по основ на усогласување со трошоците за живот има раст од околу 12%. Дополнително, утврдена е јасна динамика за раст од по 7% во 2026, 2027 и 2028 година, што претставува вкупно зголемување од околу 21%“, истакна Дурмиши .

Во однос на наводите за буџетскиот дефицит, министерот посочи дека Владата води одговорна фискална политика во услови на глобална економска криза, при што интервенциите се насочени кон заштита на економијата и граѓаните.

Дурмиши нагласи дека Владата останува посветена на креирање политики кои обезбедуваат стабилен економски раст, зголемување на платите и заштита на ранливите категории, врз основа на реални економски параметри, а не на популистички ветувања.

Извор: Курир