Двајца пациенти со западнонилска треска, на возраст од 76 и 66 години, се во критична состојба и се на механичка вентилација на Одделот за интензивно лекување на Клиниката за инфективни болести. На Клиниката се хоспитализирани вкупно седум пациенти со потврдена инфекција, а за уште тројца, примени со акутно воспаление на мозокот и мозочните обвивки, во текот на денот се очекуваат лабораториските резултати од Институтот за јавно здравје.
Директорот на Клиниката, Фадил Цана, информираше дека сите седум потврдени случаи се од скопски населби, а само еден пациент претходно патувал во Грција. И тројцата пациенти кај кои постои сомнение за западнонилска треска се од Скопје.
„Значи седум се потврдени и кај тројца постои големо сомнение дека може да се работи за истата инфекција. Шеесет и шестгодишниот пациент е хоспитализиран на 26 јули и поради влошување на неговата здравствена состојба и според проценка на лекарите од одделот за интензивна нега, е интубиран и поставен на механичка вентилација. Тој не патувал надвор од државата и има многу коморбидитети. Сите други пациенти се на возраст над 60 години и со многу коморбидитети. Тие се стабилни и се лекуваат според сите современи медицински протоколи. Таа возрасна група е изложена на најтешката инвазивна форма на вирусот“ изјави д-р Цана.
Шеесет и шестгодишниот пациент бил хоспитализиран на 26 јули, а по влошувањето на здравствената состојба бил интубиран и поставен на механичка вентилација. Тој не патувал надвор од државата и има повеќе придружни заболувања.
Останатите пациенти се постари од 60 години и исто така имаат повеќе коморбидитети. Според Цана, тие се во стабилна состојба и се лекуваат согласно современите медицински протоколи, а токму оваа возрасна група е најизложена на тешката, невроинвазивна форма на западнонилската треска.
