Претседателот на Собранието Талат Џафери неколку минути пред 23 часот ја прекина 71. седницата, на која почна расправата по 15. точка од дневниот ред Дополнет предлог на закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам.
По 22 часот, во Собранието завладеа напната атмосфера откако претседателот Џафери нареди да се заклучи вратата на собраниската сала, за да можат службите да ги пребројат присутните пратеници.
По ова, пратениците од опозицијата се собраа пред претседателот на Собранието, и бурно реагираа. Тој бараше од нив, да направат список на пријавени за збор по 15 точка – Дополнет предлог на закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Опозицијата реагираше и зошто Собранието продолжува со работа толку доцна.
Состојбата се смири откако службите ги пребројаа пратениците по што вратата на салата беше отклучена. Во салата беа присутни 38 пратеници.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери рече дека, согласно Деловникот, Собранието може да работи без кворум, но не може да одлучува.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара да се расправа по првата точка од дневниот ред, Годишен извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права 2021. Но, немаше услови за гласање по предлогот на Мицевски, поради недоволниот број на присутни во салата.
Инаку, вечерва заврши расправата по Дополнетиот-предлог закон за вршење на сметководствени работи, кој е 14 точка од 71 седница.
За пратениците од опозицијата, во Дополнетиот-предлог закон за вршење на сметководствени работи најспорно е што се предлага формирање на независно тело Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија, со кој, според нив, власта ќе има увид во финансиската состојба на фирмите, со што се отвора можноста за злоупотреба. Според владејачкото мнозинство, овој предлог е со европско знаме и носи усогласување со меѓународните стандарди, а предлог-текстот е подобрен со амандмани.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова истакна дека првите членови од законот се посветени на формирањето на Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија и затоа законот слободно може да се нарече Закон за надзор на сметсководствената професија.
– Учествував во јавната расправа за законот, која се одржа еден ден по истекот на рокот за поднесување амандмани. Што значи, идејата беше демократски декор или да се стори ред. Зошто овој за буди дилеми кај мене? Законите важат ерга омнес, кон сите. Во случајов, субјекти за кои се однесува овој закон се сметководителите но и нивните клиенти. Меѓутоа, решенијата од овој закон ќе навлезат во меѓусебната доверба меѓу сметководителите и клиентите. Таквите закони не се добри за никого, рече Силјановска Давкова.