Но, според него, треба да се стори повеќе за да се реши овој проблем во британското општествo.
– Не сакам да кажам дека владата ќе се согласи со апсолутно сѐ што е во него, но содржи неколку оригинални и стимулативни заклучоци и мислам дека луѓето треба да го прочитаат и да размислат, рече Џонсон за извештајот објавен вчера од британската комисија за расна и етничка нееднаквост, пренесуваат британските медиуми.
Џонсон посочи дека во британското општество има многу сериозни прашања со кои треба да се соочат, а едно од нив е и расизмот.
– Треба да сториме повеќе за да го решиме тоа и треба да ја разбереме сериозноста на проблемот, додаде британскиот премиер.
Извештајот на британската Комисија за расни и етнички нееднаквости беше нарачан од владата на премиерот Џонсон, по големите протести на движењето „И Црните животи се важни” од минатото лето, по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во САД.
Британските медиуми претходно пренесоа дека специјалниот советник на британскиот премиер за граѓанско општество и заедници, Самуел Касуму, денеска поднесе оставка, еден ден по објавувањето на извештајот за расните несогласувања во Велика Британија, во кој беше заклучено дека земјата нема системски проблем со расизмот.
Касуму, кој инаку е Црнец, ќе ја напушти оваа позиција следниот месец, а канцеларијата на Џонсон соопшти дека тој планирал да го стори тоа уште пред неколку месеци, пренесуваат американските медиуми.