Од СЕОС наведуваат дека од изјавата на Вучиќ е јасно дека проектот нема да биде откажан, и дека повторно ќе останат без договор.

– Полни сме со лаги и игри, па од 3 јануари 2022 година одиме повторно на блокада од 13 часот. Прво ќе ги блокираме патиштата три часа, а потоа подолго и пошироко, додека претседателот не го повлече Указот и не го отстрани Рио Тинто од Јадар и Србија, наведуваат од СЕОС и додават дека засега блокадите ќе бидат на четири локации и дека тие „не се политичари, туку обични луѓе кои не сакаат рудници за литиум во нивна близина“.

Блокадите на 3 јануари се поддржани од Еколошкото востание на Александар Јовановиќ Чута, Заедно за Србија и Акција на Небојша Зеленовиќ и иницијативата „Да не го задушуваме Белград“, додека од движењето Тргни–промени изјавија дека нема да излезат на блокадите, но дека ги поддржуваат протестите.

Еколошкото востание и Акција му дадоа рок на Вучиќ да го „избрише“ проектот Јадар до 7 јануари, бидејќи со повлекувањето на законот за експропријација не е завршена работата, бидејќи Рио Тинто врши притисок врз луѓето да му го продаваат својот имот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека проектот Јадар нема да се повлече, иако тоа го побараа „некои опозициски политичари“.

– Тој проект стои и нема да се повлече. Тие го донесоа, а ние направивме се што побара народот и тоа е тоа, кажа тој. Српската премиерка Ана Брнабиќ одговарајќи на прашањето на Н1 дали проектот Јадар ќе биде повлечен, имајќи ја предвид претходната изјава дека ниту еден потпишан документ не е обврзувачки, истакна дека Србија се обврзала кога му дала дозволи за истражување на Рио Тинто, нагласувајќи дека компанијата потенцијално може да ја тужи државата.