Поголем дел од медиумите во Република Нашата Земја (новоговорен назив), денеска се преплавени со статии и наслови за демократијата која на дело се спроведува во владејачката СДСМ каде на директни избори се бира нов лидер.

Илјадници членови на партијата во редици чекаат пред избирачките места за да гласаат за својот фаворит – сите имаат само еден фаворит, затоа што има само еден кандидат а тоа е Зоран Заев.

Телевизиите имаат отворени студија, се информира наголемо за оваа демократска трка помеѓу Зоран Заев и самиот себе!

Ова не е сценарио на Џон Клис, ова е вистинска целодневна случка во Република Нашата Земја.

Се уште не можејќи да најдеме рационална причина зошто воопшто денеска се одржаа избори – Редакцијата на Радио Лидер ексклузивно пред сите во државава го прогласува победникот на изборите!

Не го прогласуваме победникот врз база на информација добиена од терен или од извор (што е задача на новинарите), туку го прогласуваме затоа што друг исход не е можен. Овој пат тоа “ЕКСКЛУЗИВНО” во нашиот наслов е само атрибут за повеќе кликови на веста. Воедно им се извинуваме на плејадата на апологетски портали и медиуми што пред нив го прогласуваме победникот.

Веројатно нашата власт сака новинарската професија на иднината да изгледа вака – се да биде предвидливо, а тие да немаат никаков проблем во остварувањето на своите најниски намери за гола и сурова власт.

Верувале или не, победик е Зоран Заев!

Редакцијата на Радио Лидер на Зоран Заев му ја честита победата над разумот и достоинството на илјадници членови на партијата која е наследник СКМ. Му честитаме што без никаков протест и крик направи будали од илјадници интелектуалци кои членуваат таму. Некогаш се надевавме дека таму постои некоја сила која ќе се бори против безумноста, но, Заев не демантираше.

На Зоран Заев му честитаме што потроши огромни пари и злоупотреби државни ресурси за овие избори на кои практично не се бира ништо освен нов негов деспотизам над една политичка партија.

Тој веројатно би сакал и изборите на државно ниво да изгледаат вака. Молете Бога, таа желба на малиот апсурден диктатор од струмичко да не се оствари!

Честитаме Зоране, толку си моќен што секој ден во нас изнудуваш чувства кои орбитираат околу мислата „Добро, тој е луд, но народов кој го следи зарем е можно да е волку ненормален?”.

Редакцијата на Радио Лидер.
Главен и одговорен уредник Љупчо Златев.