Студентите ќе добијат можност преку дигитално изјаснување да одлучат дали го прифаќаат новиот предложен ваучерски систем за субвенциониран оброк. Националното студентско тело најави воведување на платформата „Студентски референдум“. Барањето дневниот износ да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари сè уште останува отворено.
Претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ангела Василевска, посочи дека целта е секој студент директно да го искаже својот став, а системот треба да биде подготвен до следната недела.
„Бидејќи секој има поинакво мислење и да не одлучуваат само претставниците, подобро е тоа да биде изгласано на еден студентски референдум“, изјави Василевска.
Гласањето ќе се реализира преку дигитален пристап поврзан со бројот на индекс и официјалната електронска пошта на секој студент. Оваа платформа во иднина ќе служи и за одлучување за други значајни студентски прашања. Василевска потсети дека нивната иницијатива за повисок износ е доставена пред повеќе од еден и пол месец, но официјален одговор сè уште нема.
„Не е спорно дали ќе имаме нов систем, спорно е кога државата ќе го зголеми износот на субвенционираниот студентски оброк“, порача Василевска.
Студентските претставници изразија задоволство што маркетите ќе останат опфатени со новиот модел, но истакнаа дека на владината средба не се прецизирала сумата на покачувањето. Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека надлежните ќе обезбедат соодветно решение за ова барање.
„Секако, ќе најдеме решение и верувам дека на крајот сите ќе бидеме задоволни од исходот. Зголемување секако ќе има, која ќе биде сумата – дополнително ќе се договориме“, изјави Јаневска.
Јаневска образложи дека новиот систем, конципиран по словенечкиот пример, ќе гарантира субвенцијата да се троши единствено за набавка на прехранбени производи.
„Целта на овој систем е да ја користат субвенцијата за здрава храна, а тоа и била намената со законот, односно да не може да се користат за алкохол, цигари и друго нешто“, рече Јаневска.
Министерката напомена дека претходното студентско раководство при УКИМ се согласило фокусот да биде ставен на зголемување на бројот на корисници наместо на покачување на вредноста, што веќе било реализирано, додека сегашното барање претставува нов процес за кој се водат преговори.
