Епидемиолошката состојба во Гостивар покажува позитивни движења, откако е регистрирано значително намалување на бројот на лица кои побарале медицинска помош, информира Министерството за здравство.

Во текот на вчерашниот ден биле извршени 36 прегледи, што е речиси двојно помалку во споредба со претходниот ден, кога биле евидентирани 73 прегледи. Во моментов, четворица пациенти се на болничко лекување.

Од почетокот на следењето на состојбата во Гостивар, здравствените служби реализирале вкупно 4.483 први прегледи, додека биле обработени 706 епидемиолошки анкети. Од Министерството оценуваат дека намалувањето на бројот на прегледи е позитивен показател, но додаваат дека состојбата и понатаму внимателно се следи преку засилен епидемиолошки надзор.

Во меѓувреме, заклучно со 30 јули, во државата се потврдени 13 случаи на западнонилска треска. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 10 пациенти, од кои тројца се во критична состојба.

Како дел од превентивните мерки за намалување на ризикот од понатамошно ширење на инфекцијата, во текот на ноќта била спроведена дополнителна терестичка дезинсекција против комарци.

Министерството за здравство информира дека продолжува со координација со надлежните институции и дека јавноста навремено ќе биде известена за сите нови информации поврзани со епидемиолошката состојба.