Исто така, СДК.мк доби потврдна информација од очевидци кои се професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“ дека канцеларијата на Рашковски на Правниот факултет била претресена, бидејќи фирмата „Инвока“ ја користела и таа канцеларија.

Одземените биле компјутери на „Инвока“, но таму бил и софтверот за прашањата за кандидатите за Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Во јавноста имаше сомневања, главно од кандидатите за прием на Академијата кои отпаднааа при тестирањето дека не е возможно да се освои толкав висок процент со 100 проценти освоени бодови и се сомневаа дека некој ги продава шифрите со заштитените прашања за полагањето. Меѓу кандидатите што укажуваа на тоа се и истакнати долгогодишни волонтери, особено во Обвинителството, за кои обвинителите велат дека се „печени“ обвинители и дека во занаетот ги надминале дури и нив.

На листата на положени кандидати се најдоа и веќе слушаат предавања на Академијата деца на високи државни функционери и на врвни судски и обвинителски функционери, а други со висок просек на студиите по право, останаа непримени.

Истрагата против Рашковски Обвинителството ја почна за софтвер кој чини над 80.000 евра, кој Рашковски во име на Владата го набавил од фирмата „Инвока“ за потребите на МВР, а на полицијата ниту ѝ бил потребен, ниту пак некогаш од него побарала да им набави таков софтвер за сообраќајни прекршоци.