Венко Филипче и „кликата“ околу него ја киднапираа СДСМ и извршија трансформација во политичко-бизнис фракција, порача Игор Ивановски од Платформата „12:05“ на трибината „Разговори за иднината“, на која учествуваше и пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ.

Ивановски нагласи дека услов за дијалог со актуелното раководство на СДСМ е Филипче најпрво да прифати повлекување од функцијата претседател на партијата.

„Нашиот план за отворање, консолидација и структурни промени ќе му го доставиме на Филипче. Но прво тој мора да се подготви за транзиција и отстапување од лидерската позиција. Само така СДСМ ќе може повторно да се отвори и да го врати својот демократски капацитет“, изјави Игор Ивановски.

Ивановски оцени дека во изминатите 2,5 години СДСМ ја водеше клика чии „профитерски интереси“ ги напуштија граѓаните, па затоа не може да победи на избори.

„Венко Филипче мора да ја ослободи заробената партија. Тој има можност да ѝ помогне барем на крајот и да ја врати довербата на членството, но само ако го напушти внатрепартискиот монопол“, заклучи Ивановски.

Мециновиќ потенцира дека Левица има обврска да води опозиција и да преговара со секој што делува од демократиските позиции. Тој предупреди дека СДСМ не може да се потпира на формални сојузници што ги напуштаат реалните битки.

„Денес мораме да разговараме за иднината која се гради во следните 35 години, а Левица ќе продолжи да бара заеднички јазик со секој демократски чинител“, рече Амар Мециновиќ.