Лидерот на СДСМ Венко Филипче на денешниот брифинг со новинарите посочи дека реакцијата на власта за загадувањето на водата била задоцнета и оти многу порано предупредувал дека може да се појави епидемија.
Тој исто така најави повеќе активности на опозицијата во Собранието од септември, посочувајќи дека ќе поднесат интерпелации за спикерот Африм Гаши, како и за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ.
Се осврна и на економската ситуација, како и на евроинтеграциите.
-Водата во Гостивар е показател дека сите реакции задоцнија. Дури и денес Институтот за здравство носи некакви препораки за рано детектирање и откривање симптоми и детекција на пациенти кога веќе епидемијата има многу силен замав. Пред две недели јас предупредив дека следно што може да се јави е хепатитис. Имате вода што е загадена со колиформни бактерии, која не само што не е за пиење, не е ни за туширање. Како ќе ја користат? Од каде е техничката вода, кој ја контролира? – праша Филипче на брифингот.
Тој ги негираше обвинувањата од страна на власта дека водата во Гостивар била загадена и за време на владеењето на СДСМ.
Во однос на вчерашната седница за пратенички прашања, Филипче рече дека премиерот Христијан Мицкоски „избегал“ од пратеничките прашања затоа што, како што посочи, нема одговори. Според него, во Собранието се случило „оркестрирана блокада“ со која на пратениците од опозицијата не им било овозможено да ги постават пратенички прашања.
-Факт беше дека Деловникот е прекршен, пратеничка која не добила одговор во рок од 20 дена одлучи да ја блокира говорницата и таа го доби одговорот. Потоа презема Весна Бендевска која изрежира проблем, додаде Филипче, оценувајќи дека ова е само уште еден показател за, “континуираното непочитување на Собранието и неговата уставна улога”.
-Собранието одамна не ја извршува својата функција како што треба. Законите се носат по скратена постапка, се прекршува Деловникот, а сега се злоупотребуваат и процедуралните механизми за да се избегне парламентарната контрола на Владата. Пратеничките прашања се сериозен демократски инструмент и никој нема право да го обезвреднува нивното значење, рече Филипче.
Тој побара одговорност, како што рече, за “навредите, заканите и насилството” од министерот Иван Стоилковиќ и најави дека партијата ќе поднесе интерпелација.
-Има иницијатива за анкетна комисија за Иван Стоилковиќ за тоа што се случи за време на реконструкцијата на Владата. Тука сме потпишани со цел само да се собере доволен број потписи за да се прифати. Ние ќе поднесеме интерпелација за Стоилковиќ, штом почне Собранието со работа, во септември. Најавивме и ќе ја поднесеме и интрепелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, веднаш кога ќе почне со работа Собранието. СДСМ ќе продолжи со сите демократски и парламентарни механизми за заштита на достоинството на Собранието и за обезбедување одговорност од носителите на јавни функции, рече Филипче.
Во врска, пак, со предлог-законот за „Скопје 2028“, лидерот на СДСМ оцени дека тој е “скандалозен” и најави дека од септември ќе го блокираат неговото донесување со сите демократски механизми што им стојат на располагање.
Во однос на евроинтеграциите, тој го повтори ставот дека уставните измени се единствената пречка за почеток на преговори. Во однос на давањето гаранции дека повеќе нема да има блокади доколку ги усвоиме уставните измени, вели дека за исполнувањето на критериумите за членство не може да се дадат гаранции.
-Ако зборуваме за гаранции во процес на пристапување кон Европската Унија, односно на критериумите коишто треба да се исполнат, тогаш не можеш да имаш гаранции. Ниту една земја членка немала гаранции, треба да ги исполниш критериумите, европски регулативи, закони и така натаму, вели тој.
На прашањето дали опозицијата ќе биде конструктивна доколку се договори „под радарот“ некое решение за почеток на преговори, вели дека во Собранието ќе бидат конструктивни ако се дојде до ситуација која ќе биде подобра од сегашната, додавајќи дека не е запознаен дека се водат разговори „под радарот“.
Вели дека она што е прифатливо, односно она што Европа ќе го прифати, а за нас значи подобрување на преговарачката позиција, дека апсолутно ќе го поддржи. -Целта ми е да зборуваме за нешто што реално може да се аплицира, а не да зборуваме за нешто што е само наша желба, а од другата страна не е прифатливо, рече Филипче.
Тој на брифингот додаде дека очекува голема криза од септември поради дополнителната неизвесност околу цената на струјата, кризата околу Иран, постојаните поскапувања и инфлација. Обвини дека власта нема мерки за граѓаните, нема зголемување на платите, а стандардот опаѓа.
