Порака од Конгресот во Скопје

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на партискиот Конгрес во Скопје порача дека партијата е отворена за чесни луѓе, но не и за оние кои, како што рече, работат за власта и подриваат одвнатре.

Вратите на СДСМ се отворени за секој чесен човек, но нема место за тројански коњи и за оние што „седат на две столици и работат за власта“, порача Филипче, нагласувајќи дека или партијата ќе биде обединета во заедничката битка, или нема да има иднина.

„Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува од внатре, кој планира да биде „Тројански коњ“ на ВМРО или на некои други интересни групи – нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот или смрт на демократијата, или не сме ништо“, рече Филипче.

Најава за теренска кампања низ целата држава

Филипче најави дека по Конгресот, партијата ќе започне интензивни активности на терен, со посети во сите градови и села, со цел, како што рече, да се разбуди Македонија.

„Нема седење дома. Нема пишување статуси на Фејсбук од удобни фотелји. Одиме на терен, во секој град и секое село. Не да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија. СДСМ се разбуди. А кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно. Пред нас е праведна борба – со знаење, чесност и срце. Затоа што иднината нема да ни биде подарена. Ќе ја освоиме заедно. Од овој момент надежта има име – СДСМ“, порача Филипче.

Тој истакна дека за да може партијата да се спротивстави на, како што рече, злото однадвор, мора да биде стабилна и обединета одвнатре, потсетувајќи на турбуленциите и разочарувањата од минатото.

„Знам дека во минатото имавме турбуленции. Знам дека имаше разочарувања. Некои си заминаа, некои се вратија, а некои сè уште стојат на прагот и калкулираат“, рече тој.

Во продолжение, Филипче нагласи дека СДСМ е партија на одлуките и одговорноста, создадена од идејата за слобода и државотворност.

„Ние не сме партија создадена од гнев. Ние сме партија создадена од идејата за слобода…. Државотворност тече во вените на секој еден од нас. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е имунолошкиот одбранбен систем на оваа држава. Кога национализмот ќе почне да го јаде ткивото на општеството – ние сме лекот. Кога омразата ќе се обиде да нè скара сосед со сосед – ние сме врзното ткиво. Кога режимот ќе се обиде да ја замолчи слободната мисла – ние сме гласот што грми. Низ историјата, кога и да се спуштал мрак, кога и да владеел страв, СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот. Така беше во 90-тите, така беше во 2016 година, и така ќе биде и сега. Другите ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом. И затоа денес не стојам тука само како претседател на партија, туку како човек кој со загриженост гледа како се спушта тешка оловна завеса над нашата татковина. Се враќаат духови од минатото за кои мислевме дека се победени. Ако ние, наследниците на партизаните, државниците и визионерите, не ја кренеме таа завеса, никој друг нема да го стори тоа. Ова е собир за спас на македонското достоинство и за одбрана на она што е наше“, рече Филипче.

На крајот, тој повтори дека СДСМ нема да биде контролирана опозиција, оценувајќи дека покрај критика е потребна и јасна визија и силна социјална држава, која, според него, може да ја обезбеди само СДСМ.